Монашење во Рајчица

Во тивкиот мрак на прекрасно украсената манастирска црква, осветлена само од бројните кандила и запалени свеќи, во која како круна блескаше раскошниот полиелеј, одекнуваа растреперените гласови на сестрите и многуте свештеници, кои со побожен трепет пееја: „Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки… “, додека Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј, го очекуваше пристапувањето на искушеничките. Вака во предвечерието на големиот христијански празник посветен на светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј, на 05. V. 2004 год., во манастирот посветен на овој светија, кој се наоѓа во с. Рајчица близу Дебар – првите две сестри од сестринството на овој манастир примија ангелски потстриг и положија завет пред Бога.

Сестра Јасмина, во монашки потстриг Варвара, родена во Кратово на 04. IX. 1972 год., има завршено високо образование на Филолошкиот факултет, а сестра Наташа, сега Екатерина од Охрид, родена на 08. V. 1980 год., има завршено средно образование. Овие сестри дојдоа во манастирот од самите негови почетоци и под духовно раководство на Архимандрит Партениј, кој е игумен на овој манастир, сестрите придонесоа повторно да заживее овој древен дом на свети Георгиј.

Под будното и грижливо око на својот духовен татко – отец Партениј, а преку послушание, смирение, молитва и трпение – тие се трудеа да го соблечат стариот човек со своите страсти и да ги стекнат оние доблести кои би требало да ја красат секоја монашка душа. Духовното искуство и опит на отец Партениј, овозможи и овде на овие простори да биде засадено и да заживее едно малечко делче од Света Гора – нешто што може да се забележи и во изгледот на манастирот и во неговиот типик и начин на живот, а особено во секојдневните богослужби и послушанија на сестрите…

Во овие три години откако постои манастирот, сестрите исполнувајќи ги во целост послушанијата од својот старец, од манастирот изградија духовен центар во кој утеха и духовна поткрепа наоѓаат сите верници и посетители. Така, по три години искушенички период се гледаат и првите духовни плодови – се родија првите монахињи. Сестрите Варвара и Екатерина се заветија дека до крајот на својот живот ќе Му служат на Бога и ближниот, живеејќи го Христовото Евангелие и така, уподобувајќи се на ангелите на небесата, достојно да го носат името на маченичките и да го следат нивниот свет живот.

Круна на оваа навистина торжествена и благодатна вечер беше целоноќното бдение во чест на големиот Победоносец, на кое со прекрасни византиски напеви игуменот заедно со сестринството и големиот број на верници, кои беа дојдени од сите места на Македонија, достојно го прослави празникот на својот патрон. Бдението заврши со свечена Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот г. Тимотеј.

Еромонах Доситеј