ЛЕТНИ КРСТОПАТИ – Бигорските монаси

[1] И некогаш монашкото братство во долнореканскиот манастир „Свети Јован Бигорски“ почнало со тројца калуѓери и се намнижило за стопати. —Неодамно владиката Тимотеј овде го произведе третиот монах, а од Света Гора се очекуваат уште двајца. —Се обновува традиционалната блискост меѓу монасите и народот

Митрополитот Тимотеј (во средината) и архимандритот Нектарие (лево) со тројцата бигорски монаси: Григорие (десно), Партение (до владиката) и Иларион (до архимандритот)

 

Ден прекрасен, августовски. Камбаните на манастирот „Свети Јован Бигорски“ надалеку се слушаат. Го најавуваа возвишениот чин на замонашување на Зоран Фидановски од Битола, еден од најдобрите во Богословијата во Драчево од пред пет години. Долговековна, милениумска е ваквата света традиција во овој храм. Но, повеќе децении од ова наше време таквото чинодејствие беше замрено. Стивнати беа и камбаните и молитвите. Дури пред една и пол деценија замонашувањето ќе воскресне, кога тогашниот поглавар на Македонската православна црква г.г. Ангеларие во ова светилиште ќе го замонаши денешниот митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј. А тој, еве, ја продожува традицијата. Пре некоја година во својата прегратка го прими Григорие, по потекло од злетовските села. Потоа беше замонашен Иларион и за да се исполни светото тројство, од кое се создаваат сите благодати, на ред беше произведувањето на третиот монах. Одамна во овј манастир не било толку свечено како на тој чин. Манастирската црква „Свети Јован“ долги години не била полна толку со народ, со дванаесет свештенослужители, со ероѓакони, еромонаси, архимандритот Нектарие и владиката Тимотеј. Онака како што му прилега на манастирот. Имаше нешто харизматично во замонашувањето Зораново. Не дека роднини и пријатели негови дојдоа, не дека Живка и Борис Фидановски, неговите родители и брат му Илија, со возвишено достоинство во себеси го проследија замонашувањето, туку што дојдоа голем број долнореканци, како некогаш. Та монасите бигорски не биле духовни браќа само меѓу себе, туку и со верниците, на кои им го крпеле духот кога им било најтешко, им помагале проблемите да се решаваат праведно, да ги школуваат своите деца.Тие во минатото биле главниот бедем против исламизацијата на овој народ. Токму затоа многумина од нив во османлиското време ќе завршат под сечилата на турските јатагани, а еден дел ќа ги спаси самиот народ за да не се прекине сосема мисијата на древната Црква Македонско-Охридската архиепископија. Тогаш камбаните манастирски стивнале. Немало кој да ги подвижи. Ама кандилито Светијованово во манастирската црква не згаснало. Останал неговиот пламен да светлозрачи и да ја благослови молитвата на охридските архиепископи, монаси и други слушители. Сe до нашево време тој пламен и жив. И, еве, кроткум како што и прилега на таинствената божја светлина, го осветлува патот до величенствениот олтар во манастирот Бигорски, од каде во еден момент гласот на владиката Тимотеј како да беше исконски: – Дали Зоране доброволно се одречуваш од благодатите на земниот живот и се посветуваш на Бога? Тивок цвилеж од мајкината утроба како да проструи низ воздухот во тие моменти. Беше припиена до Бориса, својот сопруг, до другиот син Илија и до снаата, та плачот нејзин остана длабоко вкопан во нивните срца. Засекогаш. Зоран, облечен ангелски во бела кошула, ја поткрена малку главата од длабокиот поклон пред владиката и најпрво тивко прошепотувајќи во себе: „ радосници да ти се солзите, мајко, јас се посветувам на Бога“. – Да, високопреосвештени владико, доброволно! Во тој миг стивна плачот на мајката. Таа прва го прегрна својот син-монах, освештен во црното расо, со црната пана на главата и со ремен на слабините. Тој од тие моменти веќе не е Зоран, тој е Партение.

Тивок, мирен, како сета човечка кротост да се збрала во него, најпрво се изненади од новинарското присуство на чинот на неговото замонашување, а потоа сфати дека тоа е дел од нашата денешна реалност. Со тивок глас вели дека уште од првите денови кога тргнал во Богословското училиште чувствувал дека ќе се посвети на Бога во монашкиот ред. – Наше вдахновение кон монашкото просветение уште во Богословијата ни беше нашиот брат во Христа, архимандритот Нектарие, кој просто нe понесува својата љубов кон Бога, вели Партение. По завршувањето на средното богословско училиште, веднаш отпатува на Света Гора во Грција, каде среде многубројното монашко братство ги осозна тајните на калуѓерското посветение. Сега се наоѓа пред дипломирање на Богословскиот Факултет во Скопје и посебно се радува што студиите ќе ги заврши како монах во еден од најмонашките македонски манастири. Потоа монашкото посветение ќе биде целосно. Нему и на другите двајца монаси Бигорски им е сосема јасно дека мораат да вложат многу труд и напори за да почнат да ја враќаат старата слава на манастирот „Свети Јован Бигорски“. Оти, велат постарите, во Долнореканско, во Малореканско и во други краишта македонски не минувал некој позначаен настан или празник без молитвата на монасите бигорски. За венчавки тука оддалеку иделе. А крштевките биле посебен ритуал. Се случувале во бистрите води долж Радика. Замислете неколку стотици калуѓери како кртеваат деца во водите на реката. Велат, онака како што Свети Јован Крстител пред два милениума ги крштевал луѓето во светите води на реката Јордан, каде Го крстил и Господа Исуса Христа. Духот негов, раскажуваат старите, е во овој негов манастир и во реката Радика, покрај чии води во минатото празникот Водици (Светоденот на Свети Јован Крстител) бил величествено празнуван. Со народот од цела Македонија и со молитви од неколку стотици грла. Затоа меѓу народот и монасите Бигорски имало своевидно еднодушие. Не се памети некој од манастирот да си заминал незадоволен, гладен или пак жеден. Дури и најкоравите противници таму пред монасите се смирувале, проблемите ги решавале праведно и си заминувале како браќа. Од размислите нé тргна ѕвонот на камбаните. Тоа лигургијата беше завршила. Во еден миг како да се сретнаа погледите на владиката Тимотеј и на архимандритот Неговото Високопреподобие Нектарие. Радоста во нивните очи беше очигледна што тој августовски ден во манастирот „Свети Јован Бигорски“ дојде третиот монах. Така започнало и пред повеќе од еден милениум. Светото тројство овде ќе го намножува Христовото братство. Но, заостанува уште да се исполни епископското тројство во Дебарско-Кичевската епархија на МПЦ, директната канонска наследничка на Величката Епископија, чиј надлежен архиереј во 893-та година станал Свети Климент, кој облагородувајќи ја светлината Светијованова, Господовиот Претеча, ќе ја овековечи светоста на Македонија и на Црквата Македонска за сите времиња. И неговиот аманет е да се множи епископското братство македонско. Монасите Бигорски тоа одлично го знаат и со радост ги очекуваат своите духовни браќа Наум и Климент да се вратат од Света Гора. Тогаш ќе бидат петмина.


[1] Во 1995 г. отец Партениј доаѓа во манастирот како расофорен монах и со благослов на Н. В. митрополит Тимотеј станува негов прв старешина. Тој доаѓа заедно со јероѓаконот Иларион, додека, пак, јеромонахот Григориј во тоа време е гостин во манастирот. Меѓутоа, ние овде ги приложуваме новинарските текстови идентично како што биле објавени во весниците.