Членови на древната либанска Обител на Пресвета Богомајка – Хаматура посетија македонски древни светилишта.
Дебар, 2 октомври 2018 (МИА) – Членови на древната либанска Обител на Пресвета Богомајка – Хаматура посетија македонски древни светилишта.
Двајцата членови на оваа обител, отец Јован и отец Ефрем беа гости на Бигорскиот манастир каде беа пречекани од Архимандрит Партениј, игумен на манастирот.
– Светиот Дух Божји ја израдува нашата монашка заедница со посетата на нашите браќа монаси, отец Јован и отец Ефрем, од древната либанска Обител на Пресветата Богомајка – Хаматура. Нашите скапоцени гости и браќа во Христа од Либан пристигнаа кај нас со благослов на нивниот многупочитуван Старец, Високопреподобниот Архимандрит Пантелејмон, познат по неговата широкоградост и љубов за сите, изјави отец Кирил од Бигорскиот манастир.
Ценетите гости, посочи отецот, престојуваа и во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица и манастирот „Пречиста Кичевска“, а учествуваа и на богослуженијата и со своите молитви и својот глас.
– Ова е само уште една потврда дека Господовиот дух ги обединува сите верни во едно големо Христово семејство, со силни духовни врски и внатрешно познанство, без разлика колку далеку и да се тие, додаде отец Кирил.
Вера Тодоровска, Дебар