Со години библиотеките само се празнеле, без да се дополнуваат со нови книги – вели г.г. Стефан, поглавар на Македонската православна црква.
Библиотеките во манастирите, кои беа извори на нашата писменот, денес се или речиси празни или воопшто не постојат. Голем број свети текстови, стари и по неколку векови, во долг временски период исчезнувале од ризниците на манастирите на нашата земја. Поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, потврди дека манастирските библиотеки останаа без книги.
-Од најразлични причини, денес библиотеките во манастирите во земјата се празни. Затоа ги повикувам издавачките куќи да помогнат во обновувањето на манастирското библиотекарство кај нас – ни рече г.г. Стефан.
За црковните лица и за владиците во митрополиите, манастирското библиотекарство кај нас речиси и не постои, а обновувањето е со бавно темпо.
Според о. Методиј Златанов, архимандрит во црквата „Св. Спас“ во Скопје, постојат духовни храмови во кои младите монаси, со средствата со кои располагаат, се обидуваат да ги наполнат библиотеките со нови книги, но има и манастири во кои библиотеките воопшто не функционираат.
-Библиотеките во манастирите кај нас се обновуваат со различно темпо, во зависност од тоа колку е заинтересирана епархијата за обнова на книжниот фонд. Парите што ги доделува Црквата не се доволни, па затоа некои од манастирите или купуваат книги со сопствени средства, со пари што ќе им ги доделат поимотните граѓани или добиваат книги од издавачки куќи. Благодарение на младите монаси и отци, кои многу читаат, книжниот фонд почна да се полни со книги од најразлични жанрови – ни рече архимандритот Златанов.
Во рамките на МПЦ не постои заеднички фонд за обновување на библиотеките во манастирите. Црквата единствено одделува пари за издавање книги со црковна содржина, но и распределбата на тие средства зависи од заинтересираноста на митрополиите да подготват и да издадат книга. Од епархиите во нашата земја, на полето на издаваштвото најактивна е Дебарско-кичевската митрополија во која отците се трудат и да ги обноват и да ги збогатат библиотеките во нашите духовни светилишта.
Владиката Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, не се согласува со ставот на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан и додава дека во манастирите на Дебарско-кичевската и Брегалничката митрополија постојат конкретни напори за обновување на библиотеките.
-Кога поглаварот рекол дека библиотеките во манастирите се празни најверојатно мислел на Скопската митрополија, бидејќи истото не важи и за другите митрополии. Старата библиотека во „Св. Јован Бигорски“ ја вративме и почнавме да ја дополнуваме со стари и со нови црковни наслови. Таму каде што има монашки живот, се развиваат и библиотеките, но тоа не е континуирано, зашто не секој е заинтересиран за купување книги. А на полето на издаваштвото, Дебарско-кичевската и Брегалничката епархија се најактивни, зашто во текот на една година објавуваат и по десетина наслови од областа на црковната литература – ни рече владиката Тимотеј.
Неодамна издавачката куќа „Матица Македонска“ на нашата Црква ? подари над 2.000 книги, а по тој повод поглаварот г.г. Стефан ги повика и другите издавачи да дадат дел од своето издаваштво за развој на манастирското библиотекарство кај нас.
Тоше Огњанов