По повод добивањето на големото признание од Брисел, со кое беше прогласен за граѓанин на Европа, на лична покана на отец Партениј, игумен на Бигорскиот Манастир, деновиве бевме во посета на Манастирот. Честа речиси едно цело попладне да бидеме во друштво со отец Партениј покрај нас од „Битолски весник“, ја имаа и првите луѓе на „Нова Македонија“, екс-директорот Панде Колемишевски, главниот уредник на весникот, Александар Димковски, главниот уредник на порталот на „Нова Македонија“ Марјан Велевски како и дописникот на „Нова Македонија” и „Битолски весник” од Гостивар, Киро Кипровски.
Иако, досега во неколку наврати сме биле во посета на Бигорскиот манастир и со отец Партениј сме имале доста официјални и неформални средби, сепак, оваа посета на Манастирот долго ќе ја паметиме.
Речиси цел ден отец Партениј им посвети на првите луѓе на двата најстари весници во Република Македонија, „Нова Македонија” која неодамна, на 29 октомври одбележа 74. години од излегувањето на првиот број и „Битолски весник” кој исто така годинава слави 54 години од излегувањето на првиот број.
За Бигорскиот манастир речиси се е напишано и кажано. Многу работи во последните години се напишани и кажани и за духовниот водач на Манастирот, отец Партениј, кој неодамна во Брисел го доби најголемото признание кое еден човек може да го добие на овој земен свет, граѓанин на Европа.
Но овојпат, кога го посетивме Манастирот во една релаксирана и опуштена атмосфера имавме можност во неформални разговори да дознаеме многу детали и поединости кои го чинат Бигорскиот манастир посебен и кои ретко можат да се слушнат и видат.
Отец Партениј не однесе најпрво во обиколка на Манастирот.
Навистина е ретка привилегија да слушнете како е граден овој манастир и за неговото возобновување по големиот пожар кој го зафати. Посебно задоволство беше да се посети Библиотеката на Манастирот и да се фати в рака оригиналната поема на македонскиот Хомер, Григор Прличев („О Арматолос”) и други црковни книги, стари со векови.
Посебни емоции кај мене предизвика информацијата која ја добивме од отец Партениј дека таа оригинална книга на грчки јазик, на Бигорскиот манастир му ја подарил битолчанецот д-р. Душан X. Константинов, инаку до неговата смрт долгогодишен постојан соработник на „Битолски весник”.
Вистинско уживање беше да се разгледаат и другите книги кои ги поседува Манастирот, а ги има над 40.000, грижата за нив како и напорите кои ги вложувал игуменот за нивно оргинално реставрирање.
Тој ден, ја имавме ретката прилика и можност да слушнеме од прва рака што е тоа што овој Манастир го прави посебен и за тоа како во овој манастир луѓето кои скршнале од вистинскиот пат во животот повторно со вербата во Бога се враќаат на вистинскиот пат.
На прашањето како сето тоа успева да го направи отец Партениј ни одговори:
-Нема тука никаков рецепт. Наше е само верниците кои престојуваат во Манастирот да ги натераме да веруваат во себе и во Бога. А кога ќе го направиме тоа, ним веќе не им треба друга помош. Тие потоа самите се враќаат на вистинскиот пат.
Навистина беше вистинско задоволство да се слушаат бројните случувања од секојдневниот живот на верниците во Манастирот, да се слушне приказната на младиот угостител од Прилеп, Никола, кој во Манастирот на покана на отец Партениј го напушти Њујорк и дојде во Бигорскиот манастир да го менаџира работењето на ресторанот „Куќата на Мијаците”.
Младиот Никола кога ја добил поканата од отец Партениј воопшто не се двоумел и се врати во Македонија да му служи на верниците и на Бога, а за тоа колку добро го менаџира ресторанот најдобра потврда е што резервации за посета на ресторанот постојано доаѓаат од цел свет.
Отец Партениј е човек кој не сака многу да зборува за себе. Тој вели дека е само верник кој му служи на Бога и ништо повеќе.
-Јас, сè што правам, правам за слава на Бога и од љубов кон Него, а сигурно во очите на Бога тоа е толку малку. Како монах јас целосно сум се предал на Црквата, сите мои планови и надежи сум ги положил пред Божјиот Престол. Верувајте, како христијанин никогаш не очекувам признание од луѓето, туку само од Бога, бидејќи сум научил дека христијанинот треба постојано да се дава себеси во служба на Бога и ближниот, не барајќи за тоа никаква награда и надоместок. За тоа Апостол Павле убаво нè поучува, кога вели: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема”. Вистинскиот монах треба да избегнува да зборува добро за себе, а секако и да ги избегнува пофалбите од другите. Па бидејќи јас се определив да се прибројам кон светиот собор на монасите, ќе избегнам било што да кажам за мене, но ќе го кажам тоа дека „само за едно Го молам Господа и само тоа го сакам, да останам во дворовите Господови”, да Му останам верен до крајот на животот и да Му послужам, според Неговата света волја, за мое спасение, за полза на Црквата и на татковината, вели архимандритот Партениј.
Васка М. Младеновска