Огромен број честитки за изборот на Партениј за епископ

По изборот за епископ Антаниски

Специјално за Битолски весник: Киро Кипроски


По изборот за епископ Антаниски од Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител” не информира дека по едногласниот избор на отец Партениј, за нов епископ во МПЦ – ОА, постојано добиваат бројни честитки, а интернет-порталите и социјалните мрежи се преплавени со воодушевувачки коментари и честитки за новоизбраниот владика.

На отец Партениј изборот му го честитал речиси целиот државен врв, верски велико-достоинственици, лидери и челници на политички партии, научни работници, естрадни уметници, здруженија на граѓани, месни заедници и многубројни поединци од земјава и од странство.

Меѓу тие кои први му го честитаа изборот се и навивачката група „Чкембари“ од Битола. Во овој број ги пренесуваме само дел од честитките:

Нашата позната славистка и авторка на голем број трудови, проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, во честитката пишува:

Вера Стојчевска – Антиќ

„Почитуван владика Партениј, веста за Вашиот едногласен избор за владика ми причини вистинска радост. Особено сум радосна што ќе останете во Бигорскиот манастир. Ви честитам на Вашата истрајност токму на 1.000-годишнината негова да останете во него и со него. Сигурна сум дека Вашите активности ќе прераснат во нова отворена книга за нашата Црква. Поздрави со љубов – Вера Стојчевска – Антиќ”.

Во честитката што ја упати Александар Димковски, главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија”, во името на редакцијата и во лично име се вели:

Александар Димковски

– Искрени честитки и желби да ја продолжите мисијата за зацврстување на духовната соработка со православните народи на Балканот и пошироко. Вашите духовни чеда, верниците, македонскиот народ, од Вас, отец Партениј, очекуваат да продолжите со активностите што ги правевте во 25-годишното игуменување со Бигорскиот манастир, овој неугаслив светилник, кој годинава го прославува десет вековното постоење.

Ставре Џиков

– Отец Партениј, од сè срце Ви испраќам честитки за заслужено добиениот епископски чин на МПЦ – ОА. Вие, со духовното монаштво на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител” и сестринството во манастирите: „Св. Георгиј Победоносец” во дебарското село Рајчица, „Св. Богородица Пречиста”, Кичевско и Кнежинскиот манастир „Св. Георгиј” – Кичевско, го крепите темелот на МПЦ-ОА.

Во оваа прилика сакам да го потенцирам Вашиот духовен патронат на Македонците муслимани кога ги чевствувавме спомените на истакнатите долнореканци д-р Нијази Лимановски, етнолог и Саме Лимани Зерновски, поет, што се одржа на 12 мај 2018 година во манастирот „Св. Јован Бигорски”. На собирот, Вие отец Партениј, рековте дека се гордеете што ја имате сликата на д-р Нијази Лимановски, покрај Даме Груев, во една од одаите на етно-ресторанот „Куќата на Мијаците“, напиша во честитката Ставре Џиков, поранешен судија, државен јавен обвинител, адвокат и публицист.

Никола Ѓурѓај

– Дозволете ми во мое лично име и во име на Македонското друштво „Илинден” – Тирана, и од името на македонското национално малцинство во Албанија, да Ви го честитам изборот за нов епископ Антаниски на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Ви посакуваме како и до сега, честа и достоинственоста да ве следат и постојано да сте со нас.

Ви испраќаме изрази на наше длабоко почитување и благодарност за досегашниот ваш влог во Македонската православна црква – Охридска архиепископија и нејзините македонски верници, се вели во честитката на Македонското друштво “Илинден”-Тирана, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај”.

Во честитката на месната заедница од Галичник стои:

– Почитуван архимандрит Партениј, Месната заедница од Галичник Ви упатува јавна честитка за Вашиот избор за епископ на Дебарско-кичевската епархија. Ви посакуваме долги години да имате добро здравје, успешна работа и продолжување на мисиите на прифаќање, разбирање и љубов, општествена работа и соработка”. Претседател Александар Костиќ.

Здружението на граѓани „Брзовец”, од с. Тресонче, со голема и искрена радост ја прими веста од Синодот на МПЦ-ОА за Вашето назначување за епископ Антаниски. Тресончани, како впрочем и сите Мијаци, со векови биле и се уште се нераскинливо поврзани со духовната ризница на Бигорскиот Манастир и Братството, претседател Јосиф Сарџоски.

Здружението на граѓани “Бигорски манастир патот на црешовото топче“ од гостиварското село Зубовце, со неизмерна радост ја прими веста за Вашиот избор за епископ Антаниски. Ние што ја негуваме традицијата и спомените на црешовите топчиња изработени од монасите на Бигорскиот манастир за Илинденското востание во 1903 година, десет години, неколку денови пред Илинден, од Бигорски манастир по приемот на благословот од ваша страна, отец Партениј, коњаницата го минува патот на црешовите топчиња, така ќе биде и во иднина.

Во името на жителите на селото Битуше и на оние кои потекнуваат од него, црковниот одбор на храмовите “Свети Архангел Михаил“, „Свети Илија”, „Свето Вознесение Христово” и „Свето Преображение” од селото Битуше, отец Партениј ви го честитаме изборот за епископ Антаниски.

Битушани од се срце се радуваат на Вашата хиротонија и искрено се надеваме дека досегашната многу плодна соработка ќе продолжи. Вашиот придонес за духовниот живот и за развојот на црквите од реканскиот крај е непроценлив. Нашата радост особено е голема што останувате да творите и да дејствувате во мијачкиот крај и што останувате за игумен на славниот наш Бигорски манастир „Св. Јован Крстител Претеча”

– За неговото воскресение дадовте најголем придонес отец Партениј.

Во честитката по изборот за епископ, испратена до отец Партениј, од Црковниот одбор при храмот на „Пресвета Богородица” во село Ростуше, се вели:

„Отец Партениј, Бог да ти помага и понатаму со љубов да го носиш крстот на нашиот народ и да го продолжиш големото и важно дело за спасение на човечките души, но и плодната работа и соработка за развивање на реканскиот крај и мијачката култура. Воедно ви благодариме за огромниот придонес за заживување на црковниот живот во село Ростуше, за обновата на многуте стари македонски обичаи, пред се, традициите со празнување на Водици, како слава на селото, изградбата на прекрасниот храм на „Пресвета Богородица“ и за безрезервната помош духовна и материјална на жителите на Ростуше.“

Во честитката потпишана од Станко Китановски, претседател на Советот на МЗ с. Кнежино се вели:

-Во името на Советот на МЗ од с. Кнежино, Кичевско, каде се наоѓа и манастирот „Св. вмч. Георги Победоносец”, ви честитаме за изборот на епископ и Ви посакуваме добро здравје, трпение, спокојство, љубов, но и елан и истрајност во вашите понатамошни подвизи и трудови за благочестивиот христијански народ.

Млади жители на славното и херојско село Вранештица, Кичевско, на 27 мај годинава, дојдоа во Бигорската обител лично на игуменот Партениј да му го честитаат изборот за епископ

Вранештичани, на средбата, го прочитаа писмото со честитките од името на жителите на Вранештица и му го предадоа на отец Партениј.

– Мило ни е што лично ве познаваме, почитуван отец Партениј, вие ни помогнавте да разбереме многу, за нашата преубава христијанска вера. Немаме зборови со кои би можеле да ја искажеме вашата добрина и љубов што ги чувствуваме. Да сте живи и здрави. Со љубов од духовното ви стадо од село Вранештица.

„Во името на селаните од мијачкото и дебарско село Долно Мелничани, како и од раселените по потекло од нашето село, го поздравуваме изборот на отец Партениј од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител” за владика на МПЦ-ОА. Сите ние од овој малорекански крај сме сведоци на залагањата, трудот и пожртвуваноста на отец Партениј, и затоа одлуката Светиот СИНОД на МПЦ-ОА ја доживуваме како Божја промисла за заштитникот на православието во најубавиот дел од Македонија.

Ние, верниците од Долно Мелничани му честитаме на отец Партениј и на МПЦ-ОА, и се надеваме дека соработката на православните браќа и меѓусебната грижа ќе биде издигната на уште повисоко ниво, бидејќи интересот и полето на дејствување ни се заеднички. Црковен одбор на село Долно Мелничани.“

Mитрополит г. Јосиф Харкиолакис

Познатиот естраден пејач од Битола, Димитар Андоновски, во честитката за изборот на отец Партениј за владика, напиша:

„Мојот духовен татко Партениј избран за Владика! Се радувам до небесата! Достојно, Владико, татко мој!“

Слично напиша и пејачот Огнен Здравковски: „Мојот најмил отец! Втор татко!”

Не изостанаа ни честитките од црковни великодостојници од други помесни православни цркви.

Така, на пример, на отец Партениј јавно му честиташе митрополитот од Вселенската Патријаршија г. Јосиф Харкиолакис, кој напиша: „Многу радосна вест! Честитаме! Достоен!”

Презвитерот Бобан Митевски

Презвитерот Бобан Митевски од Скопје на својот Фејсбук профил го напиша следново: „Радоста што се чекаше, радоста за која копнееше моето срце! Радувај се, похвало на нашата Македонска православна црква! Долгоденствувај, владико свет!”

Отец Игор Никовски од Охрид пишува: „Честито за отец Партениј, за Македонската православна црква и за нашата Дебарско-кичевска епархија”.

Во честитката на верничката Ивана Деловска од Скопје пишува: „Оној што го има отец Партениј како негов втор татко, како водител во неговиот живот, е исто како да го пронашол загубеното богатство. Грижлив татко кој ја посветува секоја минута од својот живот, за неговите чеда. Познавам многу луѓе што тоа го прават за семејството, за работата, но, за илјадници деца што не се ‘негови’ е, такви се малкумина.“

Режисерот Ико Каров, напиша:

Илија Ико Каров

„Како што секое утро првиот зрак од исток ја најавува власта на светлината над темнината, Како што секоја година воскресението ја потврдува победата над смртта. Така на секои 1.000 години, од градината на Свети Јовановото светилиште процутува еден цвет…, Сведок на светлината Исусова.“

Во честитката на навивачката група „Чкембари“ се вели:

– Ние, членовите на навивачката група „Чкембари” од Битола, на нашиот драг сограѓанин Отец Партениј и достоен син на Битола, му го честитаме изборот за Владика и му посакуваме уште долги години да го води македонскиот народ по патот на верата Христова и на Вистината! Ви благодариме Отец што Вие спасивте многу животи и многу наши другари ги извадивте на правиот пат! Господ сила да Ви дава! На многаја лета, Владико! Поддршка од Вашите духовни синови од цела Битола! Достоен!“ – стои во честитката на навивачката група “Чкембари“.