Константинопол – симбол за христијанско величие и порака за покајание

„Денес круната на царството земно ја одлага Царот на сите градови, на мачење предаден се очистува со оган Константиновиот дар, Градот на Богомајката и од рацете на Творецот на вековите венец пресветол на слава вечна прима домот на светите и Градот возљубен“

(од Богослужбата за падот на Константинопол)

Царот Константин со копје ги зацртува новите граници на неговиот сè уште раскошен град Византија, by Roger Payne.

Можеби ниеден друг град, почнувајќи од почетокот на историјата, па сè до денес, не оставил толку силен белег врз човечката цивилизација како „Царот на сите градови“, Градот основан од Светиот Рамноапостолен Цар Константин Велики – Константинoпол. Овој преславен „Град на Светиите“, „на Христијаните пофалба, на Православните слава“, „светило на светот“ и „веселие на целата земја“, повеќе од 11 века бил центар на едно возвишено Христијанско општество, кое израснало врз античка почва, во себе ја вклучило и источната култура и сето тоа го одухотворило со верата Христова, принесувајќи прекрасни духовни плодови – богословие, богослужение, философија, наука, уметност.

„Фатална опсада на градот во 1453 година од н.е.“ Church of Moldovita, Romania.

Но, по Божјо допуштение, поради гревовите и неслогата на православните, која, за жал, е присутна и денес, величествената престолнина на Источното римско царство – Византија, паднала во рацете на Османлиите. Оваа тажна реалност и ден денес им е потсетник на Христијаните, кој силно ги повикува на покајание и меѓусебно соединување во духот на Христовата љубов.

Денес, кога навршуваат 567 години од падот на Константинопол, нашата Свештена Бигорска Обител со благодарност молитвено си спомна за сите оние што ги положиле своите души во одбрана на Светата православна вера, за оние што до наши дни како овци биле заклани за Вистината, победоносно посведочувајќи Го со својата света крв Словото Божјо, Кое вели: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јн. 15,20). Овие зборови постојано се потврдуваат, а вековите покажуваат дека Црквата Христова, таа најголема Маченица, е секогаш распнувана, подобно на својата Глава – Христос. И денес многубројни се Христијаните, особено оние на Блискиот Исток, кои, според сведоштвото Христово: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Мт. 16,24), смирено го носат својот маченички крст и невино страдаат за вистинското Откровение Божјо. Но, залудно се трудат сите непријатели на Црквата православна, сакајќи да ја уништат, зашто таа отсекогаш била и до крајот на вековите ќе остане единствена Светлина во овој свет, сокровиште на Божјите тајни, чувар на Божествената Вистина. И до крајот таа победоносно ќе повикува: „Со нас е Бог! Разберете, народи, и покорете се, зашто со нас е Бог!“

Еден од современите исповедници и страдалници за Богооткриената Вистина и сведок за непобедливоста на Црквата Христова, е и Светиот Отец наш Лука Војно-Јасенецки, Архиепископ Симфериополски и Кримски, чијшто спомен, исто така го славиме денес. За неговото чудесно Житие постои еден прекрасен документарен филм што можете да го погледнете на нашата страница во категоријата ‘документарни филмови‘.


Ова е текстот на псалмот за којшто е создадена мелодијата:

Боже, незнабожците дојдоа во Твоето наследство,

го осквернија светиот Твој храм,

мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни,

а телата на Твоите светии – на земните ѕверови;

ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим, и немаше кој да ги погребе.

Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас;

До кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано,

до кога ќе гори лутината Твоја како оган?

Излеј го гневот Свој врз народите, што не Те познаваат,

и врз царствата, кои не го признаваат името Твое,

не спомнувај си за нашите стари гревови,

туку помогни ни скоро и помилуј нè.