Грчката телевизија ЕРТ 3, пројави голем интерес да го посети Бигорскиот манастир, на кој му претстои голем јубилеј – 1000 години од неговото основање – што е повод тој да биде се’ почесто посетуван од многу медиуми од регионот.
Грчката телевизија е изненадена што многу грчки туристи и поклоници токму со години доаѓаат во Бигорскиот манастир, за што Игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј објаснува:
„Сите што доаѓаа во Охрид, доаѓаа и овде. До денес е така, најмногу доаѓаат млади, но доаѓаат и свештеници и монаси, оние со кои имаме врски. Нѐ сакаат, гледаат дека овде живее еден народ што е ист како нив“.
Грчките новинари не ја пропуштија можноста да побараат мислење и за Договорот од Преспа, за што отец Партениј децидно одговори:
„Јас не сум стручен да кажам дали е совршен овој Договор, но тој претставува една основа за да имаме подобра соработка“.
И ова, како и сите останати интервјуа за странски медиуми, Архимандрит Партениј го искористи за да го актуелизира проблемот на МПЦ-ОА и да побара поддршка за решавање на најголемата рана во нашата Црква:
„Се надеваме и се молиме на Бога, да се реши најголемиот проблем – тоа е расколот. Зашто, како што кажав, имаме добро врски со Света Гора, со Црквата на Грција, но она што е најважно за нас, не можеме да го направиме – тоа е да сослужуваме, што е за жалење, зашто сме браќа“.
Како што истакна во интервјуто, негова најголема желба, е токму на милениумскиот јубилеј на Бигорски, Вселенскиот Патријарх да присуствува на големата празнична прослава:
„Се надеваме дека Патријаршијата ќе ни помогне за нашата Црква да стане автокефална, и за нас ќе биде голема, најголема радост, Вселенскиот патријарх да дојде овде, да го пречекаме и да празнуваме заедно“.
Отец Партениј не пропушти да испрати и срдечна порака до народот на Грција, велејќи: „Сакаме да ја испратиме оваа порака на љубовта до Грците, кон Црквата на Грција, кон Патријаршијата, и кон сите, дека ги сакаме и сакаме и ние да бидеме во тоа семејство, зашто веруваме во една света, соборна и апостолска Црква“.
Запрашан, пак, од новинарот на грчката телевизија дали неговата надеж е заедничката Литургија, тој истакна:
„За тоа живеам. Тоа го чекам. Тоа е мојот сон и мојата надеж е тоа. Зашто за мене, како монах, најважна е светата Литургија, светата Причест. И многу се натажувам, кога одам таму и не можам да се причестам. За нас, за сите, тоа е една голема рана“.
Голем дел од емисијата беше посветен и на историјатот на Манастирот и на Чудотворната икона на Св. Јован Крстител.