Пеевме византиска песна во Бигорскиот манастир

БЛИЗНАЦИТЕ ОД „НЕKСТ ТАЈМ“ ЗА ПРЕСТОЈОТ ВО СВЕТИОТ ХРАМ

По иницијатива на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, популарното братско дуо „Некст тајм“со Елена Ристеска, Димитар Андоновски и Тамара Тодевска ја сними божикната песна „Вечниот Бог“.

 
 

Пеевме византиска песна во Бигорскиот манастир

– Станува збор за инспиративна композиција со византиски мелос. Беше задоволство да се биде дел од оваа убава замисла, да допреме до своите традиционални музички корени и да испратиме убава порака. Се надевам дека и публиката ќе ги почувствува љубовта и позитивната енергија што ги доживеавме – велат близнаците Мартин и Стефан Филиповски.

Не се промовираме преку таблоиди

Kога повеќе пејачи снимаат спот, секогаш има анегдоти за прераскажување. Може ли да издвоите некој интересен момент?
Мартин: Видеозаписот се снимаше во просториите на манастирот „Св. Јован Бигорски“. Со режисерскиот тим на „Горила филм“ поминавме два прекрасни дена во ова убаво светилиште. Kога се снима со повеќе изведувачи, работата станува поинтересна поради дружењето, но со самата помисла на каква локација сме собрани, професионалноста и сериозниот пристап ни беа најважни.

Долго Ве немаше на сцена пред да се појавите на последниот радиофестивал. Што се случуваше во меѓувреме?
Стефан: На МАРС нѐ поканија да ни го врачат признанието за најдобра преработка. Да не беше наградата, веројатно немаше да се појавиме, со оглед на тоа што ветивме дека повеќе нема да учествуваме во натпреварувачкиот дел на овој фестивал. По промоцијата на „Ја излези, Ѓурѓо“ слушнавме многу позитивни критики. Имавме големи планови преку оваа песна да ги презентираме македонската култура и традиција, но немавме среќа да бидеме поддржани. Шансата ќе ја бараме во некоја следна прилика. Медиумски не бевме присутни, но имавме настапи преку годината. Сепак сме артисти што не сакаат да ја градат кариерата преку таблоидите.

Обработката на „Ја излези, Ѓурѓо“ беше повеќе интимна желба или најава за нов звук, кој би го форсирале во иднина?
Мартин: Овој проект дојде спонтано. По оваа песна нормално е да се роди чувство и потреба да направиме уште нешто во ваков стил, затоа што веруваме дека умееме да ја пренесеме вистинската емоција на подзаборавените изворни народни песни. Но, ние сме „Некст тајм“ и имаме два албума со наши авторски песни, по кои луѓето нѐ препознаваат.

Kариера во Србија само на хартија

Најавивте пробив на српскиот пазар. Се откажавте од таа идеја или ова е само затишје пред бура?
Стефан: Не сме стари за да кажеме дека нешто не успеало, дека повеќе немаме шанса за интернационална кариера и успех. Имавме планови да излеземе надвор од државата, но најдобро е да се обратите кај оние што според договор кажаа дека ќе се потрудат да н` пробијат во Србија и пошироко. Ние сме музичари што работат на усовршување на музичкиот талент, а за другото треба да се погрижат менаџерите и продукциските куќи.

Kаде ќе ги поминете празниците?
Стефан: За новогодишната ноќ ќе настапиме на плоштадот во Kривогаштани. Од таму беа најупорни да н` имаат, а ние сме пресреќни што првпат ќе ја забавуваме тамошната публика. Се надеваме дека ќе си поминеме незаборавно. Kога не работиме, сакаме мирни новогодишни вечери. Едни од поубавите ни биле оние со најблиските другари од кои повеќето сега се преселени во други земји.

Не ги криеме девојките

Ретко зборувате за љубовниот живот, иако и двајцата сте во врска и тоа не го криете на социјалните мрежи. Дали се чувствувате подготвени за посериозни животни одлуки?
Мартин: Вљубени сме и тоа не го криеме. Среќни сме и горди на тоа што го имаме. За брак и за семејство сметаме дека сѐ уште е рано.

Ѓорге Стоjанов