Гоце.мк помеѓу книги стари илјадници години во Бигорскиот манастир, помеѓу природа која ни ги украде срцата и мирисот во Библиотеката што ќе се памети уште долго.
Репортажата ја пишуваа: Маријана Николова, Милена Тасева и Верица Милорадова
Тргнавме на пат без големи очекувања, но се вративме со неизмерно богатство. Да бидеш опкружен со стари книги е чувство кое не се опишува со зборови – катарза за душа! Те опсипуваат со радост и убавина, а мирисот те опива. Зошто? Си учел за нив, си ги читал, а таму ја добиваш можноста за миг да ги држиш в раце. И тогаш настапува магијата. Тоа нам ни се случи дури ја листавме старата Библија од 18 век во Библиотеката.
Посебен впечаток ни оставија четирите столба во Библиотеката, кои ги симболизираат столбовите – темелници на словенската книжевност. На нив се претставени ликовите на светите браќа Кирил и Методиј, и нивните ученици, Климент и Наум. Тоа нѐ потсети на фактот дека секогаш треба да се навраќаме на корените, бидејќи се важни за нас, за писмената традиција и македонштината.
Библиотеката во Бигорскиот манастир располага со голем фонд на книги и набргу би имало нивно каталогизирање во посебна електронска база. Со тоа, ќе се даде можност истите да бидат достапни до пошироката читателска публика.
Во посетата со нас, беа вклучени и студенти од прва година на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Штип.
Во водите на средновековната книжевност запливавме во текот на првиот семестар, а со посетата на Библиотеката во манастирот Св. Јован Бигорски, знаењата можевме да ги надополниме во пракса. Бев фасцинирана со самото влегување таму, архитектурата, книжевното богатство кое Библиотеката го поседува. Мирисот на книгите стари и по неколку векови, направи да го почувствуваме вистинскиот дух на средновековието. Овој манастир сместен во срцето на недопрената природа претставува еден мал рај на земјата – истакнува Зорица Стојева, студент на Катедрата за македонски јазик и книжевност, прва година.
Во рамки на книжевно – јазична работилница, во манастирот Рајцица, студентите реферираа за книжевните школи и нивните претставници. Преку интерактивен начин, го повторивме најважното за писменоста во тој период.
Самото стапнување во Бигорски, го доживеав како влез во еден друг свет. Стоејќи во Библиотеката на Бигорски, меѓу четирите нејзини столбови, од кои ме гледаа „очите“ на светите Кирил, Методиј, Наум и Климент, се чувствував величествено, без здив. Како да сум на најубавото место на светот! Нивната книжевна и духовна оставнина беше насекаде околу нас! – вели Анета Оџакова, студент на Катедрата за македонски јазик и книжевност, прва година.
Во манастирот Рајцица, се прочита и извадок од „О писменех“ на старословенски јазик. Ова беше вистински предизвик за брушоците, затоа што тие штотуку почнаа со изучувањето на старословенскиот. За апсолвентите, пак, беше едно пријатно потсетување на деновите кога го изучуваа овој јазик.
Бигорската „книгохранителница“, како што вели и самиот поим е вистинска трпеза на гладните за букви, за зборови, по некоја мудра мисла и Божјо слово. Она што ние како македонисти имавме можност да го воочиме и што ни остави посебно внимание е историската книжевна оставнина, чија зачуваност зрачеше низ старите корици. Посетата за мене лично беше патување низ суштината на битисувањето и, најважно, дводневна обука за фасцинантната моќ на љубовта. – додава Ребека Спасова, студент на Катедрата за македонски јазик и книжевност, прва година.
Предавачи во рамки на студиската посета беа доц. д-р Ана Витанова Рингачева и доц. д-р Милена Ристова Михајловска. Активностите се дел од проект од национален интерес, а се реализира со логистичка поддршка од Академија ЕУРОАРТ – Штип и Филолошкиот факултет при УГД-Штип.
На ниедно друго место нема да можете да ја почувствувате таа магија, како што е присутна таму.
Љубители на книги и авантуристи, Бигорскиот манастир е вашата следна идеална дестинација заедно со Библиотеката!