(Видео) Како изгледа: Дочекот на Велигден во Св. Јован Бигорски е неповторливо духовно доживување

Додека лани не појдов да го дочекам Велигден во Св.Јован Бигорски, мислев дека до тогаш сум знаела нешто за дочекот на Христовото Воскресение во македонските храмови.

Собрани граѓани пред храмовите, со нетрпение чекаат свештениците да изговорат Христос Воскресе, за потоа да преминат кон чинот на кршење со јајца, што ми се чини дека сам по себе е цел за празнувањето. Нечистите улици од лушпи, приказна по себе.

Несомнено дека, градот и планината не можат да се споредат во однос на доживување на духовноста и пронаоѓање на мир.

Самиот манастир Св. Јован Бигорски е на боженствено место, па оттука може да се најде и објаснувањето за начинот на кој Велигден се доживува таму. Но тоа е само мал дел од приказната, која не може да ја долови ниту еден збор или слика.

Опколено со планини, оддекот на планинското ехо со Христос Воскресе, едноставно вреска во душата.

Запалените свеќи на верниците од благодатниот оган од Ерусалим кој до лани во Св.Јован Бигорски стигаше преку Грција и го имаше само овој храм, даваа некоја чудесна магичност на тоа место. Безброј ѕвезди на надеж за подобро утре и победа на доброто над лошото.

Мирисот на манастирот исполнет со најубавите свежи цвеќиња, може да се спореди со најскапоцени парфем, кој нема цена.

Радосната вест за Христовото Воскресение, покрај со литургијата, песните кон Бога се прославува со попрскување на верниците со миро и со свежи цвеќиња.

Секој миг и момент се магија.

Верниците кои сакаат Велигден да го дочекаат во Св.Јован Бигорски треба да знаат дека велигденската литургија и причестувањето завршуваат околу 4 и 5 часот наутро.

Јајцата не се кршат додека архимандритот Партениј не даде благослов за храната, а потоа манастирот дели храна на верниците кои се таму.

Дочекот на изгрејсонцето од околните планини, во чии прегратки е Бигорски, е утринско заокружување на целовечерната магија.

 

(фото/видео bigorski.org.mk)