Светиот и славен Великомаченик Георгиј Победоносец, кој секогаш ги радува и успокојува со добрини и чудеса оние што со љубов му се молат, денес приреди една нова голема радост за сестрите што ревносно му служат во неговиот Манастир во Рајчица.
Станува збор за една преубава икона со ликот на Светиот Великомаченик, изработена во сребрен опков со позлата, украсен со бисери и полудраги камења. Овој скапоцен дар ни доаѓа од православната братска Бугарија, односно од игуменот на Свештената Тројанска Обител, Неговото Преосвештенство, епископот Велички, г. Сиониј, и самите автори на иконата, нашите возљубени пријатели Димчо и Антонија Димчовски. Впрочем, тие се дарителите и авторите и на прекрасната икона на Светите Рамноапостолни Кирил и Методиј, што пристигна во нашиот манастир на 11 ноември минатата година. Но, за разлика од тогаш, овој пат доаѓањето на иконата беше целосно изненадување за нас. Неа ја придружуваа собратот на Тројанскиот Манастир, јеромонахот Стефан, г. Димчо Димчовски и г. Кирил Томанов – извонреден резбар на минијатури.
Нашите особено драги пријатели беа гостољубиво примени од Старецот, Архимандрит Партениј, најнапред во Бигорски, а потоа, заедно со иконата, проследени и во Рајчица, каде се запознаа и со текот на градежните активности околу новиот конак.
На достојнопочитуваниот епископ г. Сиониј и на нашите мили Димчо и Антонија им ја искажуваме нашата огромна благодарност за преголемиот дар! Свети Георгиј нека им испрати радост на нивните души и благоуспевање во добродетелите!