Во храмот Негов секој ја возвестува славата Негова (Псалм 28, 8).
Ни заблеска овој ден со пресветла радост и чудесна благодат ги посети нашите души! Колку е прекрасно и достојно за пофалба, кога со љубов се украсува домот Божји и неуморно се ревнува за благолепието на храмот Господов! Затоа се радува денес Бигорската обител, озарена од златозрачните лачи што блеснаа од руската купола, којашто како со златен венец го овенча новоизградениот храм во манастирскиот скит. Овој прекрасен храм, издигнат во руски стил, никна во чест на големиот руски светилник од XIX век, преподобниот отец наш Серафим Саровски, прославен од Руската Црква во годината 1903, истата во која на Илинден нашиот народ востанал за слобода на својата таковина. Тој ќе биде своевиден споменик и потсетник за некогашните силни врски на свештениот Бигорски манастир со големото Руско царство и рускиот царски двор. Зашто Бигорската духовна садница одгледала такви плодови што со својот благодатен сок го напојувале дури и рускиот царски двор. Токму овде расцутил некогашниот Бигорскиот монах, а подоцна и зографски старец, современик на саровскиот старец, смиреномудриот и богоносен отец наш Анатолиј. Toj со своето смирение и благочестие станал духовник на рускиот цар Николај I, воспитувач и крстител на неговите деца, меѓу кои и идниот руски цар Александар II Ослободител. Така смирениот и богомудар наш старец духовно го воспитал оној моќен владетел, кој своевремено со силна војска се кренал на Османлиската империја за ослободување на православните Балкански народи од многувековното ропско иго. Подоцна архимандритот Анатолиј, како духовник при рускиот царски двор, го заменил неговото верно и послушно духовно чедо, кроткиот монах Партениј од Галичник, кој првите духовни знаења ги стекнал токму во Бигорското келијно училиште, а потоа, послушен на својот духовен татко, учењето го продолжил во Атоно-зографската света обител. Кога во 1845 г. великиот кнез Константин Николаевич Романов пристигнал во Зограф на посета кај својот крстител идуховник, о. Анатолиј, барајќи негов благослов, овој замолил од кнезот да се заземе за неговиот воспитаник Партениј, и најгорешто го препорачал за свој заменик при рускиот царски двор. Тој го претставил како чесен, благонадежен, скромен и прилежен монах, кој за неговата татковина ќе донесе голема полза, и овие негови зборови подоцна навистина се исполниле. Тоа негово чедо е познатиот наш учебникар и голем преродбеник, Партениј Зографски, кој како духовник при царскиот руски двор, духовен воспитувач на царските деца во Петербург и љубител на рускиот народ, успеал од Руското царство да придобие огромни благодети за својата татковина. Хаџи Партениј често идел на посета во својот роден крај и родоначалниот Бигорски манастир и бил особено почитувана и сакана личност меѓу жителите и монасите.
Пријателството на Бигорскиот манастир со руската Црква и рускиот верен народ не запрело ни во XX век, кога манастирот срдечно ги отворил своите врати за руските игумени Венијамин и Калистрат, давајќи им топло прибежиште од крвавиот комунистички прогон во Русија по Октомвриската револуција. Токму затоа, со благоволение на нашиот старец, игуменот Партениј, со голема усрдност и љубов се изгради скитот Св. Серафим Саровски, овој чудесен украс на руската архитектура, како неизбришлив израз на силната поврзаност на Бигорската свештена обител со рускиот царски двор и со православниот руски народ.
Саровскиот старец не пропушти да си донесе бројни гости на чинот на осветувањето на крстот, а љубовта на браќата и сестрите од нашите обители ја украси неговата икона со прекрасен цветен венец. Сјаеше таа со посебна светлина, надополнувајќи ја така чудесната пасхална атмосфера и благодатна озареност, која се читаше на лицата на присутните, меѓу кои беше и благочестивиот дарител на храмот, г. Роберт Хот и без чија дарежливост, храмот немаше ни да постои. Преку иконата и чесните мошти на светиот старец, чиниш самиот тој беше тука за со своите молитви да го благослови поставувањето на крстот. Празничното биење на камбаните во мигот кога големиот, позлатен руски крст победоносно се издигна на врвот од храмот, беше одек на нашата, но и на присутната радост на нашите предци, што торжествуваа, гледајќи како Бигорската обител се украсува со таков прекрасен храм, за слава Божја. Радоста ни ја збогати и присуството на нашиот надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј и Неговото Преосвештенство, епископот Велички, г. Јосиф, поранешен монах од нашето братство, коишто, всушност, го извршија чинот на осветувањето на крстот, пред неговото поставување на раскошната златна купола од храмот.
Свети преподобен отче наш Серафиме, Саровски чудотворче, кој со твоите пресветли добродетели и неописливи подвизи заради Бога си ја озарил целата руска земја, станувајќи светлозарен светилник на целото Православие, моли се за татковината наша славјанска и Македонска, за целиот православен род и да се спасат душите наши.