Гостување на Бигорскиот хор во Виена, Австрија

Со благослов на Неговото високопреосвештенство, митрополитот Европски г. Пимен, а на покана на нашиот драг отец Јован Тодевски, парохиски свештеник во Виена, Австрија, нашиот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, испрати дел од хорот на бигорското монашко братство, заедно со нашите возљубени псалти и ревносни помагачи на манастирското дело, да гостуваат и да учествуваат во богослужбениот живот на нашата црковна заедница во Виена.

Гостувањето се одвиваше при храмот „Свети Наум Охридски“, каде што, покрај молитвеното, литургиско заедничарење, беа донесени на поклонение свети мошти од нашите духовни великани – свети Климент Охридски и свети Јоаникиј Ракотински, како благослов и утеха за верниот народ.

Од 12 до 15 декември, хорот зеде учество на вечерните и утринските богослуженија, сослужувајќи заедно со архимандритот о. Анатолиј и јеромонасите, а со своето псалмопеење го збогати молитвеното расположение на бројниот народ што се собра да заедничари во заедничката радост на Црквата. Домаќините, на чело со отец Јован, се покажаа како исклучително гостољубиви, грижејќи се евангелски за браќата и сведочејќи вистинско братољубие.

Во неделата, по воскресната Утрена и Светата Литургија, беше одржан пригоден псалтски настап, на кој хорот изведе богати, древни и умилителни песнопенија од неисцрпното предание на источната Црква. Преку тие свештени мелодии, на присутните им беше пренесена молитвената атмосфера на бигорските празнични богослуженија и монашки бденија.

Светите мошти, како и длабокото духовно заедничарење, донесоа голема радост, утеха и благослов за нашите иселеници во Австрија и претставуваа прекрасна можност за зацврстување на врските на мирот, единството и љубовта во Христа.