По повод големиот јубилеј 1000-годишнината од основањето на Свештената Бигорска Обител, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во соработка со нашата богочувана Дебарско-кичевска епархија и со Бигорскиот Манастир, организираа изложба на древни икони и црковни предмети од богатата манастирска ризница.
Изложбата ја отвори претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во присуство на претставници на Владата, дипломатскиот кор, како и митрополити на МПЦ-ОА, и тоа: Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и нашиот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј. Присутни беа и повеќемина свештеници на нашата света Црква. Свое пригодно слово имаше и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Од уметничката ризница на Бигорската Обител беа изложени икони и свештени предмети, коишто потекнуваат од 16, 17, 18 и 19 век, како и вистинскиот раритет — трите хартиени (графички) икони и двостраната графичка бакрорезна плоча клише за печатење на овие икони. Како посебна историска драгоценост беа изложени прекрасни свештенички одежди, изработени во бигорската шивалница, во втората половина на 18 век.
Имајќи ја во предвид децениската соработка со оваа највисока научна институција во државата, нашата свештена Обител срдечно им се заблагодарува на нејзиниот Претседател г. Љупчо Коцарев и на сите нејзини членови кои дадоа свој придонес за достојна прослава и промоција на јубилејот 1000 години од основањето на Бигорскиот Манастир, чијашто централна манифестација ќе се одржи на 18 октомври.
Изложбата ќе биде отворена секој работен ден до 1 ноември, од 11 до 18 часот.