„Денес круната на царството земно ја одлага Царот на сите градови, на мачење предаден се очистува со оган Константиновиот дар, Градот на Богомајката и од рацете на Творецот на вековите венец пресветол на слава вечна прима домот на светите и Градот возљубен“
(од Богослужбата за падот на Константинопол)
Ниеден топоним во светската историја не содржи таква слава, таков восхит, превосходност и тајна, како што е случајот со Светиот Град Ерусалим и со Царот на градовите – Константинопол. Првиот беше сведок на најспасоносните настани за човештвото и на почетокот на богооткриената христијанска вера, а во вториот, таа вера го доби својот најблескав израз и највозвишена слава. Константинопол, градот на Светиот цар Константин, градот посветен на Пресвета Богородица, градот на Светиите, по чии улици некогаш се движеле славни и свети цареви, во чии цркви проповедале најбогомудри патријарси, во чии манастири се подвизувале најпреподобни и богоносни монаси, станал првина и образ за сите христијански општества, средиште од каде на сите четири страни засветлиле зраците на Христовото Евангелие, престолнина на православното богомислие, љубословие, уметност и култура.
„Царот на сите градови“, Градот основан од Светиот Рамноапостолен Цар Константин Велики, „Град на Светиите“, „на Христијаните пофалба, на Православните слава“, „светило на светот“ и „веселие на целата земја“, повеќе од 11 века бил центар на едно возвишено Христијанско општество, кое израснало на античка почва, во себе ја вклучило и источната култура и сето тоа го одухотворило со верата Христова, принесувајќи прекрасни духовни плодови – Богословие, Богослужение, философија, наука, уметност, литература.
Константинопол падна, но не и идејата за него. Зашто неговиот дух, духот на Ромејското царство продолжува да живее кај сите православни народи што духовно се поврзани со византиската цивилизација. Нашето културно и духовно наследство, пак, произлегува непосредно од тој источно-римски цивилизациски комонвелт и како негов нераскинлив дел, продолжуваа да живее со наследството од тоа свештено богатство. Тоа го покажува и минатогодишната одлука од 9 мај, со која Вселенската Патријаршија од Константинопол ја прегрна нашата најсвета Охридска Архиепископија во евхаристиско и канонско единство со целото Православие. Затоа, денес, 570 години после физичкото освојување на Константинопол од страна на османлиските завојувачи, Бигорската Свештена Обител повторно со благодарност си спомна за Градот од каде што нашиот народ го примил светото просвештение и се помоли за покој на сите оние што паднале на константинополските ѕидини, бранејќи ја спасоносната православна вера.
Ним, и на сите други што ги положиле своите животи за единственото вистинско Божјо Откровение, нека им биде споменот вечен!
Во прилог, доколку сакате да слушнете како звучеле богослужбите во Света Софија Константинополска, притиснете на следниов линк:
Гласовен документ: Како би звучело кога би се наоѓале во Света Софија пред 1500 години.
Елегија за падот на Константинопол
од Мануил Дука Хрисаф (ок. 1440-1465)
Боже, незнабожците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни, а телата на Твоите светии на земските ѕверови; ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим и немаше кој да ги погребе. Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас; до кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори лутината Твоја како оган? Излеј го гневот Свој врз народите што не Те познаваат и врз царствата што не го признаваат името Твое, не спомнувај си за нашите стари гревови, туку помогни ни скоро и помилуј нè.
Во исполнение на Протопрезвитерот на Вселенскиот Престол о. Георгиј Цецис:
Во исполнение на хорот Cappella Romana:
3Д анимација на реконструиран Константинопол (кликнете на линкот)
Константинопол од Билјана Андоновска Денес падна Константинопол. Света Софија е срна ранета. Градот над градовите. На царевите и мудрите, на патријарсите. На Богомајката. Божјиот град. Град каде блескала Божјата светлина. Убавината. Мудроста. Но, пораз има само во ѕидините. Во духот не. Оти духот на Православието е во срцата на наследниците. Во нашите срца. Затоа, молитва да принесеме. За оние кои тогаш животот свој го дале. Оние кои нè поучиле, дека единствен пат, вистински пат за нас, е присоединувањето со Бог. Вистинска мудрост, е Божјата премудрост. А, единствен крај за нас е Вечното Царство Божјо. Бескрајното. Вечното...