Помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, зашто и самите сте во тело. (Евр. 13,3)
Сеќавајќи се на оваа апостолска заповед, како и на најголемиот Страдалник и Затвореник, Спасителот наш Господ Исус Христос – Кој заради нашето спасение окован беше фрлен в темница од часовите на заробувањето до Неговото Распетие, живеејќи ја трагедијата на затворениците и поднесувајќи ја во тие мигови сета човечка беда и оставеност – нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, посветува особена грижа за душите на оние луѓе кои неблагопријатните животни околности, гревот, страстите, несреќи и недоразбирањата ги одвеле на заточение по затворите. Така, со негов благослов и во договор и со одобрение на директорот на Управата за извршување на санкциите, почитуваниот г. Марјан Спасовски, со кого нашиот Манастир одржува добра соработка, вчера двајца собраќа од нашата Свештена Обител ги посетија осудените лица кои издржуваат затворска казна во КПД „Идризово“ во Скопје. Браќата монаси остварија лична средба со околу педесетина осуденици, разговарајќи за нивните животни стории, трагедии, проблеми и очекувања. Исто така, отците им одржаа и беседа за силата на покајанието и за вистинското преобразување на личноста кое се случува со животот во Христа, а им поделија и Нови Завети и книги со православна духовна содржина. Она што најмногу ги трогна браќата беше искрената благодарност на затворениците и нивната огромна жед за духовна храна. Уште еднаш во пракса се докажа вистинитоста на зборовите на Свети Апостол Павле дека каде што е намножен гревот, таму благодатта се јавува во голема изобилност (Рим. 5,20).
Вдахновение, пак, и сила за секој затвореник и за пастирската дејност и грижа во затворите претставуваат потресните зборови на Спасителот: во затвор бев и дојдовте при Мене и доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле (Матеј 25:36,40).
Нему, Кој нè поучи на ова милосрдно дело, на нашиот Господ Исус Христос, Кој заради нас и нашето спасение беше заробен и затворен од првосвештеникот и од синедрионот, распнат на Дрвото крсно и Кој доброволно слезе во темницата на Адот, слава, благодарност и поклонение Му вознесуваме, сега и секогаш и во веки веков. Амин.