Во рамките на одбележувањето на 1.100 години од блаженото упокојување на Свети Климент Охридски – великиот ученик на Свв. Кирил и Методиј, се одржа голема меѓународна конференција во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје, МПЦ и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Еминентни научници и теолози од богословските факултети при Универзитетите во Букурешт, Рим, Загреб, Белград, Санкт Петербург, Софија, Солун и Скопје дебатираа за улогата на Свети Климент во Христијанството, за неговите дела и вредностите на милосрдие.
Во своето обраќање пред учесниците, поглаварот на МПЦ – ОА, Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, истакна дека Свети Климент е меѓу најзначајните за почетокот на црковното организирање и духовниот живот, и овде, на овие простори, и подалеку меѓу словенските народи и земји. Тој изрази неизмерна благодарност до Светителот заради тоа што нѐ направил наследници на чудесно и бесценето духовно богатство, коешто не познава граници и кое колку повеќе се користи, толку повеќе се зголемува.
– Тој богодаден дар е голем и вреден, поголем и поскап од секакво злато и сребро, скапоцени камења и минливо богатство, но е дар кој за возврат не бара фалби, туку одговорно продолжување. Конечно, Свети Климент од нас очекува и писменост и одговорност, и образование и воспитание, и решителност и посветеност – и како народи, и како Црква. Да се потрудиме да бидеме достојни и одговорни наследници на Светиклиментовото дело, за да можеме да дадеме добар одговор и пред Бога, и пред историјата, порача поглаварот на МПЦ – ОА.
Во своето обраќање, пак, со кое ја отвори Конференцијата, Претседателот на РМ Ѓорѓи Иванов, зборувајќи за современите општествени процеси, истакна дека „глобализацијата создава генерации кои израснуваат со консумеризам, морален релативизам и екстремен индивидуализам, во свет кој е полн со луѓе кои се полни со самите себе, каде личниот успех е сѐ, а карактерот е сведен на прашање на личен избор. Постмодернизмот ги поткопа темелите на концептот на правдата, моралноста и милоста, кои се вулгаризирани. Затоа, да се потсетиме на пораките на св. Климент. Да се потсетиме на сето она што тој ги учел нашите предци. На едно место тој вели: „Со љубов еден кон друг да се натпреваруваме, со милостина и чистота умот свој просветлувајќи го, нагоре да го впериме“. На крај тој изрази уверување „дека секој од учесниците на оваа Меѓународна конференција ќе додаде барем едно камче во мозаикот што ќе го приближи ликот и делото на Св. Климент Охридски и милоста на која тој укажува“.