Небесна радост се излеа за празникот на Св. Јован Кукузел

Со чиновите на светите ангели, и со соборите на пророците и апостолите, откако денес влезе во Црквата во голема слава, се молиш за Христијаните како Мајка Божја, ги избавуваш сите од неволја и тага, покривајќи ги со милоста твоја (Од канонот на празникот Покров на Пресвета Богородица)

Небото, тој чудесен престол на славата Божја, блескава светлина во која таинства живеат, духовна труба на радоста објавена преку непрестајното славословие на хорот на Светиите, вечно ликување и утеха за нас кои сме на земјата и кои ги упатуваме своите молитвени надежи нагоре. Еве и во оваа тивка свештена ноќ тоа гласно сведочи, за нежната мајчинска љубов излеана од Небесната наша заштитничка Богородица, која својот свет омофор го простира врз нас – нејзините возљубени деца и со него нѐ покрива. Ова небо сведочи и за слаткогласниот Светија Јован Кукузел, кој умилно на Бога Му пее и поткрепа од Него проси, за сите оние кои денес, кон него и кон Мајката Божја, смело притекнаа.

Во оваа таинствена и благодатна ноќ, присутните верни, чиишто души топли воздишки кон небото вознесоа, го исполнија Параклисот на Рајчичката Обител со духовна сладост, а толку силното присуство на Преподобниот Јован, пројавено низ неговите благоухани мошти, ги поткрепи нивните срца, дарежливо излевајќи милозвучни тонови низ гласовите на сестринството. Особена радост предизвика и присуството на Старецот и Архимандрит Партениј, чиишто усрдни молитви кон Богомајката и Светиот приредија уште поголемо духовно веселие на богатата и непресушна трпеза на љубовта.

Нека молитвите на овој слаткогласен учител на ангелоподобното славословење на Бога, постојано го закрилуваат верниот народ, измолувајќи од Пресветата Богородица постојано да го простира својот свет Покров, мајчински закрилувајќи го од секакво зло. Амин.