Четириесетина дена откако на нашата интернет страница беше објавен апелот за помош на семејството Јанкоски од с. Ростуше, чијашто куќа изгоре до темел, денес на г. Јорде Јанкоски од нашиот игумен, Архимандрит Партениј, лично му беше врачена паричната помош во вредност од 2000 АУ долари, подарена од еден наш иселеник во Сиднеј, Австралија. Средствата до манастирот беа донесени преку епархискиот секретар на Дебарско-кичевска, о. Никола Христоски, кој го придружуваше нашиот ценет митрополит г. Тимотеј, при неговата работна посета на Австралиско-сиднејската епархија во месец јануари.
Во меѓувреме, нашето братство и верниците што престојуваат во манастирот, сè уште усрдно помагаат со физичка сила да се обнови опожарената куќа во Ростуше.
Семејството Јанкоски, како и нашето монашко братство им ја искажуваат својата срдечна благодарност на благочестивиот дарител од Сиднеј, и на сите што на било каков начин помогнаа да се надмине оваа несреќа и со тоа покажаа братољубие на дело.