Денеска во попладневните часови, во посета на Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча дојде Амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, г. Дејвид Гир, со свои соработници. Ценетите гости имаа можност одблиску да се запознаат со нашата милениумска Светиња.
Во духот на манастирското гостопримство, Амбасадорот беше пречекан од нашиот Старец и игумен, Епископот г. Партениј, кој го запозна гостинот со евангелската мисија на нашето братство.
На средбата беше разговарано и за општата состојба на Христијанството и за улогата на Црквата во современото доба.
Високиот гостин, од своја страна му заблагодари на Старецот за неговата благотворна улога во општеството, посакувајќи му понатамошно благоуспевање во неговата пастирска дејност, а Владиката му заблагодари на Амбасадорот за посетата и за покажаната почит.
Во продолжение, господинот Гир и неговата придружба имаа можност да ја посетат и Бигорската книгохранителница и да видат дел од раритетните книги, како и да го разгледаат книжниот фонд.