На денот кога го одбележуваме споменот на прекрасните маченички – света Софија и нејзините ќерќи, светите Вера, Надеж и Љубов, на иницијатива на старешинката на Пречистанската Свештена Благовештенска обител – сестра Харитина, а со благослов на нашиот возљубен Старец Партениј, епископ Антаниски, како и со благослов на игуменот на манастирот „Свети Наум Охридски” – почитуваниот отец и долгогодишен близок пријател на нашите обители, Нектариј, група деца од Кичево и с. Врнештица, кои беа дел од програмата часови по веронаука во манастирот Пречиста, беа во посета на овој манастир што го украсува Охридското езеро. Прироа, тие се поклонија на гробот на таткото на монаштвото, светиот Наум Охридски.
На ова еднодневно поклоничко патување, на децата им беше овозможено да пловат со бродот „Александрија”, но и духовно да се насладат со древните културно-историски богатства кои градот Охрид со векови ги чува, поткрепувајќи и благословувајќи го со тоа нашиот народ и целата држава. Децата го посетија храмовите: Плаошник, Света Софија и Канео.
Најпрвин, младите Кичевчани придружувани од сестринствата на манастирите Пречиста и Рајчица, како и од долгогодишниот пријател на нашите Обители, о. Павел и неговото семејство, се упатија кон манастирот „Свети Наум”. Притоа, тие од благочестивиот отец Павел на најжив и најтопол начин имаа можност да слушааат за животописот, чудата и поуките на Св. Наум.
Во манастирот, со големо гостопримство, љубов и внимание нѐ пречека игуменот на Светата Обител, отец Нектариј, кој со нескриена радост и топлина нѐ запозна со манастирскиот историјат, монашкиот живот и современата возобнова од неговото доаѓање таму.
Благодатта што се излева од ова свето место се чувствуваше во изобилство и секој миг беше исполнет со славословие кон Бога Кој ни ја подарил оваа светиња. Потоа, се упативме кон прекрасниот Охрид, каде децата и сестрите имаа можност да се поклонат на моштите на св. Климент во храмот на Плаошник и усрдно да го замолат овој патрон на нашата света Црква за здравје и спасение нив и за нивните ближни.