Денеска во посета на Светиот Бигорски Манастир дојде Министерот за локална самоуправа, г. Ристо Пенов, придружуван од свои соработници. Ценетиот гостин најнапред оствари средба со Игуменот на Обителта, нашиот Старец Епископот Антаниски г. Партениј. Во топла и срдечна атмосфера Министерот и Старецот разговараа за повеќе теми што се однесуваат на манастирскиот живот. Притоа, владиката му се заблагодари на Министерството за досегашната соработка со Манастирот, како и за неколкуте досегашни сработени проекти, и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.
Во текот на својата посета, г. Пенов, имајќи го како водич нашиот брат архимандрит Доситеј, имаше можност да се запознае со богатството на духовниот и културен значај на Бигорски. Тој беше воодушевен од прекрасниот амбиент и од духовната атмосфера што владее во просториите на манастирот.
Воодушевен од целокупната посета, г. Пенов ја изрази својата благодарност кон Старецот и братството за манастирското гостопримство.