Во текот на вчерашниот празничен и неделен ден, Бигорскиот Манастир имаше чест да биде домаќин на високи гости од Австрија, предводени од: австрискиот амбасадор во земјата г. Мартин Памер, генералниот директор на ЕВН г. Волфганг Мајер, Прелатот г. Антон Хеслингер, старешина на Манастирот Клостернојбург, и проф. Фолфганг Вон Бандион, голем канцелар на католичкиот ред на Свети цар Константин, кои допатуваа со група верници од Австрија.
Посетата на ценетите гости се случи во рамките на прославата на „26 Октомври“ – националниот празник на Австрија, и беше исполнета со духовност и пријателски разговори.
Гостите имаа можност да се сретнат со игуменот на манастирот, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј, со кого разговараа за актуелните предизвици и состојбата на христијанството во Европа.
Нашиот собрат, Архимандритот Доситеј ги водеше низ просториите на Манастирот, при што тие ги разгледаа содржините и го запознаа богатото духовно и културно наследство кое го негува нашата Обител.
На крајот од посетата, гостите изразија голема благодарност за топлото гостопримство и задоволство што имаа можност да бидат дел од овој духовен амбиент.
Бигорскиот Манастир со радост ги отвора своите врати за сите добронамерни посети и соработки, кои ја збогатуваат и унапредуваат меѓусебната почит и разбирање меѓу народите.