Денеска, во овој претпразничен период на Рождеството Христово и на претстојното ново лето на добротата Господово, во посета на Свештената Бигорска Обител допатува министерката за труд и социјална политика Јованкa Тренчевска, со членови од својот работен кабинет. Исто така, во организација на Министерството, заедно со нив во посета на Манастирот дојдоа и триесетина деца од двете јавни установи, детските домови „11 Октомври“ и „25 Мај“, заедно со директорките, воспитачите и социјалните работници.
Во рамките на својата работна посета, министерката Тренчевска оствари средба со нашиот Старец и игумен на Манастирот, Епископот Антаниски г. Партениј, кој им посака топло добредојде и на децата и на возрасните. Тој ѝ се заблагодари на министерката за укажаната грижа, труд и помош кон децата без родители и родителска грижа, како и кон понеимотни семејства од нашиот рекански крај. Од своја страна, и министерката му се заблагодари на Старецот за срдечниот прием и за соработката, како и за неговата непрестајна и несебична грижа за семејства и лица од социјално ранливи категории.
Впрочем, една од целите на денешната посета беше доделување на пакети со прехранбени намирници на петнаесетина социјално загрозени семејства, во пресрет на претстојните празници. При доделувањето на празничната помош, членовите од овие семејства и жители на крајов имаа можност да поразговараат со министерката, да ги споделат своите проблеми и да побараат помош од страна на министерството.
Во продолжение следуваше едукативниот дел со децата од детските домови, коишто имаа можност да се запознаат со историјата на Бигорски, со неговиот живот и мисија, како и да поразговараат со монасите за прашања што ги интересираат. Со благослов на Преосветениот Епископ г. Партениј, Манастирот имаше подготвено пригодни подароци за сите нив, а министерката Јованка Тренчевска им додели новогодишни пакетчиња и ги однесе на ручек во етно-ресторанот „Куќата на Мијаците“.