На 19 јули оваа година, монахињата Ефимија од сестринството на Манастирот на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, со благослов на својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, успешно го одбрани својот магистерски труд од областа на правото, поточно на катедрата за Уставно право и политички систем, со наслов: „Карактеристики и предизвици на традиционалната форма на семејството. Компаративна анализа со посебен осврт на Северна Македонија“.
Овој значаен академски труд беше воден и менториран од широко ценетиот проф. д-р Александар Спасеновски, кој со своето знаење и искуство придонесе за високиот квалитет на истражувањето. Членови на комисијата при одбраната беа и реномираните професори: проф. д-р Рената Дескоска и проф. д-р Елена Игновска.
Одбраната се одржа во свечената сала на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде што монахињата Ефимија со длабоко познавање и посветеност го презентираше својот труд, демонстрирајќи високо ниво на академска способност и критичко размислување.
Им изразуваме благодарност на менторот проф. д-р Александар Спасеновски и на останатите членови на комисијата за нивниот труд и поддршка, а на монахињата Ефимија ѝ упатуваме најискрени честитки за успешната одбрана и благопожелби за понатамошни успеси во академскиот живот и пред сè, непрестаен устрем кон Господа Исуса Христа, „во Кого се скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето“ (Колос. 2,3).