Си замина кај Господа Митрополитот дедо Тимотеј

Со длабока тага во срцата и со смирение пред волјата Божја, Свештена Бигорската Обител известува дека денеска се упокои во Господа нашиот сакан и возљубен Митрополит дедо Тимотеј.

Како верен служител на Црквата Христова, дедо Тимотеј целиот свој живот го посвети на Господа, оставајќи зад себе неизбришлива трага со својата разборитост, пастирска љубов и грижа за духовното спасение на довереното му стадо. Неговото архипастирско служење беше светло сведоштво на послушноста кон Божјата волја и на ревноста во проповедањето на Евангелието.

Митрополитот Тимотеј ќе остане запаметен како монахољубив пастир, со чиј благослов и пастирска слобода и грижа се возобнови и зацврсти монаштвото во нашата богочувана епархија. Неговата љубов кон монаштвото и кон црковниот клир, човечноста и расудувањето што ги пројавуваше во секоја клучна ситуација, беа вистински сведоштва на неговата духовна зрелост и вдахновена мудрост.

Целото братство на Бигорскиот Манастир, на чело со нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, со синовска љубов изразува искрено сочувство до целото свештенство, монаштво и верниот народ на Епархијата, како и до сите кои го познаваа и го љубеа нашиот Митрополит.

Молитвите кон Господа во нашите срца сега се насочени за упокојување на неговата душа во вечните дворови на праведниците. Добриот наш Бог нека го удостои со Царството Небесно и со учество во вечната радост на светлината Христова.

Вечен спомен и добар Ти Рај, сакан наш архипастиру!

Со љубов, молитви и вечна благодарност Те испраќаат во Христовите прегратки Твоите духовни синови и внуци, Твоите монаси и монахињи од Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино.