Учество на Бигорски на меѓународна конференција за канонско право во Бостон, САД

На 24 и 25 октомври 2025 година, во Културниот центар „Малиотис“ во Бостон, САД, се одржа Втората годишна конференција на Здружението за православно канонско право на Северна Америка.

Конференцијата опфати 26 излагања од страна на православни, ориентални православни, католици и други истражувачи, коишто се собраа за да презентираат трудови што го претставуваат современото истражување во сите области на канонските студии, како и за дискусии за канонската пракса во професионален контекст. Говорниците на конференцијата ја демонстрираа високата научна вредност на своите трудови и широкиот опсег на оваа мултидисциплинарна област. На крајот на конференцијата, бројот на учесници надмина сто.

Отворањето на конференцијата беше одбележано со свечен прием, на кој поздравни говори одржаа: протоереј д-р Патрик Вискусо, претседател на Здружението, и д-р Димитриос Катос, претседател на Хеленскиот колеџ „Свет Крст“. Поздравни зборови упатија и Неговото високопреосвештенство митрополитот Методиј од Бостон, Неговата екселенција надбискупот Ричард Хенинг од Римокатоличката архиепископија во Бостон и ѓаконот Кен Лиу од Православната христијанска адвокатска мрежа. Писма со поддршка и благослов беа прочитани од името на Неговото високопреосвештенство архиепископот Елпидофор на Америка и епископот Месроп Парсамјан, поглавар на Источната епархија на Ерменската црква во Америка.

Православното канонско право ја опфаќа целата област на источната христијанска канонска историја и пракса, вклучувајќи ги и ориенталните и источнокатоличките традиции. Оваа дисциплина се протега подалеку од прегледот на формалното законодавство и опфаќа широк спектар на практики и литература. Канонскиот и правниот живот на Црквата се одразува во различни области, како што се хагиографијата, литургијата, уметноста, химнографијата и пастирската пракса.

Со благослов на нашиот старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, на конференцијата учествуваше и нашиот собрат, архимандрит Анатолиј, кој во моментов го работи своето докторско истражување на служебниците во Охридската архиепископија од 14.-18. век. Тој ја презентираше својата статија „Литургиските перспективи на канонските списи на Хоматијан“, чиј апстракт го пренесуваме подолу.


Литургиски перспективи на канонските списи на Хоматијан

Димитриј Хоматијан, или Хоматин, архиепископ охридски од 1216/17 година до својата смрт околу 1236 година, претставува истакната личност во византиската историографија. Неговото обемно дело, составено од канонски одговори, правни мислења и пастирски судови, претставува драгоцено тело на правна традиција и значаен придонес кон канонското право на Источната Православна Црква. Иако неговите списи биле препишувани и широко распространети во доцниот среден век, тие биле објавени во современи изданија дури во XIX век, и тоа во атинската Синтагма на Ралис и Потлис (том 5, 1855) и во постхумното издание на кардинал Питра, Analecta (том 7, 1891). Во XX век, Жан Дарузес ја оценил автентичноста на неколку негови текстови, а потоа Гинтер Принцинг во 2002 година подготви критичко издание на Ponemata Diaphora.

Покрај проучувањата на неговите списи со канонска содржина, Хоматијан често се разгледува и во контекст на поширокиот конфликт меѓу Никејското Царство и Епирското Деспотство, и нивните цркви, за време на латинската окупација на Константинопол (1204–1261). Во однос на таа специфична ситуација, научниците ги разгледувале неговите мислења за азимите, за другите теолошки разлики, како и за прашањата поврзани со општењето со Латинската црква. Но Хоматијан, исто така, се занимава и со литургиски прашања на византискиот обред, кои ги претставува како изрази на источната црковна традиција – и, според неговото гледиште, како задолжително црковно право – што сè уште не биле предмет на подлабоко проучување од страна на литургичарите и често изостануваат во изворите што тие ги земаат предвид.

Во одговорите до митрополитот Константин Кавасила од Драч и до кралот Стефан Радослав од Србија, Хоматијан обработува рубрични прашања, како што се азматските и монашките елементи во вечерната и утрената богослужба, како и одредени прашања поврзани со Божествената Литургија. Овие канонски текстови претставуваат уникатно сведоштво од XIII век, во однос на тогашните и подоцнежните последованија (διατάξεις), како и во однос на други извори за литургиската практика. Меѓу другите теми се и значењето на неделата и празниците во покајничката дисциплина на Хоматијан, употребата и бојата на литургиските одежди, како и евангелските читања.

Овој труд се задлабочува во овие литургиски прашања и го претставува сè уште недоволно истражениот литургиски материјал содржан во канонските одговори на Хоматијан, кој не само што ги одразува локалните рубрични практики, туку и нуди ретко, датирано сведоштво за византискиот литургиски пејзаж од XII и XIII век. Се надеваме дека оваа почетна и прелиминарна истрага за литургиската дејност на Хоматијан во Охридската архиепископија ќе придонесе за подобро разбирање на заемното влијание меѓу канонското право и литургиската практика, како и ќе ги поттикне современите литургичари подлабоко да се занимаваат со овој значаен, но занемарен извор.