Во посета на Бигорскиот метох посветен на Соборот на Светиот Архангел Гаврил

„Нели се сите тие (ангелите) служителски духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението?“ (Евр. 1,14).

По Своето неискажливо човекољубие, нашиот предобар Бог, Создателот на сѐ видливо и невидливо, им заповедал на Своите ангели да ни служат нам, за наше спасение. Тие гласници на небесниот Цар ја објавуваат Неговата трисвета волја, Неговата вечна вистина. Тие му носат благодат и радост на човечкиот род. А особено светиот Архангел Гавриил, кој ја возвести најрадосната вест со која започна нашето спасение, веста за воплотувањето и доаѓањето на Синот Божји на земјата. И, ете, неодамна тој најголем Благовесник на Пресветата Владичица наша Богородица, а преку Неа и на сите нас, одново ја израдува нашата свештена обител со голема радост: Бигорскиот метох посветен токму на Соборот на светиот Архангел Гавриил повторно е вратен во владение на нашиот манастир.

 
Исполнет со огромна благодарност кон светите ангелски сили, нашиот ангелољубив старец и игумен, архимандрит Партениј, со дел од сестринството од Раичкиот манастир, денес го посети тој прекрасен метох посветен на светиот Архангел Гавриил, сместен помеѓу селата Џепиште и Луково, на стрмните падини на планината Рујница, кон границата со Р. Албанија. Никнат како крин среде шума, манастирот влева чувство на спокој и безмолвие, а наоколу сѐ уште е видлив благословот од некогашните монашки молитви. И којзнае каква радост беше за светите ангели, но и за душите на монасите што се подвизувале тука, кога после повеќе од седумдесет години денес повторно засвети кандило во олтарот на нивната црква!

 
Според историските податоци овој манастир, кој првобитно датира веројатно од XIV век, опстојувал со извесни прекини до Втората светска војна. Последниот манастирски храм настрадал во текот на војната, кога, како што се знае, бил погоден од граната, која целосно ја разрушила големата купола, а оттогаш и самиот манастир бил оставен на забот на времето. Сепак, грандиозните ѕидини на прекрасниот и уникатен по својата архитектура храм сѐ уште сведочат за некогашниот богат духовен живот тука. Познато е дека во дваесеттите години од минатиот век овде живеел и се подвизувал монахот Калист, кој воедно се смета и за еден од возобновителите на манастирот и на последниот храм. Во романот за неговиот живот, напишан во облик на мемоари од страна на писателот Миливоје Јовановиќ, и покрај тоа што има доста историски неточности, сепак наоѓаме извесни податоци за манастирот.

 
Денес, благодарение на Законот за денационализација на Владата на Р. Македонија, како и на Претседателот на Комисијата, г-дин Љубомир Јорданов, а врз основа на старите тапии од манастирот, после многугодишната неправда, метохот најпосле му е вратен на Бигорскиот манастир. Имотот на овој метох опфаќа површина од 650 хектари, од кои повеќето се дива шума и малку пасишта.

 
Водени од желбата да воскресне духовниот живот на тоа место, би сакале да ги замолиме сите верници да ги упатат своите молитви кон светиот Архангел Гавриил и останатите небесни сили, за овој чудесен нивен манастир да биде што поскоро обновен, и повторно оттука да се слави името Божјо и да им се принесуваат молитви на ангелските воинства за да го чуваат нашиот православен народ и нашата Татковина.

 
„Предобри и преславни Архангели, стоејќи пред престолот на Божјата слава, просете прошка на гревовите за сите, и ослободување од опасности, како застапници, и како оние што се уподобуваат во сѐ на благоста Господова“.