Молитва за покој

Нашата света Црква е свето засолниште и покров во кое утеха наоѓаат сите – и оние живите што како членови на Црквата воинствена сè уште се спасуваат, надминувајќи ја својата немоќ внатрешна и стапиците на ѓаволот, а и оние што си заминале и се преселиле во Царството Небесно. И можеби затоа молитвите за покојните од древни времиња постојат во Црквата, не како строга заповед, туку како благочестиво предание и завет. Оти нема поголема утеха за оној кој загубил ближен од молитвата за сите покојни. И таа молитва како нишка нè соединува нас со оние веќе заминатите. Па така и во оваа Родителска сабота одново го слушаме гласот на нашата Црква, која умилно нè повикува повторно со љубов да си спомнеме за нашите ближни кои се преселиле од овој живот и за нив да ги вознесеме своите усрдни молитви кон Воскреснатиот Господ, испросувајќи од Него прошка на гревовите на сите наши упокоени отци, браќа и сестри и дарување на вечен живот. Затоа во овие мигови нашата заедничка молитва се соединува во една силна воздишка кон Господа, прозба да бидат помилувани сите оние кои од древни времиња па до денес работеле, се труделе, ги граделе нашите манастири, ја граделе татковината, ја бранеле од непријателите, животот за неа го дале, верата ја сочувале, слободата ја придобиле, со крвта своја ја платиле, на Бога Му угодиле и во блажен живот се преселиле. А тие, пак, вечно живите во Бога гледајќи ја оваа наша молитва, ја чувствуваат нашата почит и љубов, и возвраќаат со огнени молитви пред Престолот на Бога, за нас, нивните грешни потомци.

Чувствувајќи ја таа взаемна љубов, таа нераскинлива нишка што засекогаш нè поврзува со оние што пред нас си заминале во вечноста, браќата и сестрите од нашите свети обители, заедно со големото мнозинство присутни верници, умилно си спомнаа за покојните и упатија за нив топли молитви кон Господа, за Он да им ги прости прегрешенијата волни и неволни на сите наши заминати отци, браќа, мајки, сестри и да ги пресели во „место светло, место зрачно“, заедно со сите праведници што од века Му угодиле за и нашите ближни да се преисполнат со заедничка радост поради славното Воскресение Негово, па на нашиот радосен восклик „Христос Воскресна“ да го слушнеме нивниот одговор „Навистина Воскресна“. Така во пресрет на Великата и Света Четириесетница, спомнувајќи си дека нашите ближни немаат потреба од ништо толку, колку нашите молитви, или како што вели св. Теофан Затворник: „Имаат потреба од молитви како бедните што гладуваат за леб и жедуваат за вода“, верните ги отворија своите срца и од нив излеаја силна молитва, укрепувајќи се за претстојниот посен подвиг и посветувајќи ја таа своја жртва и за покој на душите на своите ближни.

Господи многумилостив, Ти Кој заради нас прими смрт и слезе во адот за да ги ослободиш душите на упокоените, и Кој на сите праведни што се упокоиле со вера и надеж си им приготвил место во Твоето Царство на радоста, упокој ги душите на сите наши ближни, прости им ги прегрешенијата волни и неволни, и всели ги во Твоите дворови „каде нема болка, ни тага, ни воздишка, но живот бесконечен“. Амин.