Заблескаа крстовите на храмот на Светите Кирил и Методиј

 

На самиот крај од светлото празненство на Светиот Дух, во овој петок од седмицата на светата Педесетница, предобриот Бог нѐ удостои со уште една небесна радост. Имено, со благословот на нашиот почитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, денес беа поставени крстовите на храмот на Светите Кирил и Методиј, рамноапостолните отци наши, во нивниот скит во с. Битуше. Овој свечен миг го збогатија со своето присуство благочестивите битушани, жителите од соседите села, како и ктиторот на храмот, г. Горан Џиковски, кој заедно со својата фамилија непрестајно ја помага изградбата на овој бигорски скит.

Месинганите позлатени крстови за трите куполи најпрвин беа осветени од нашиот Митрополит, а потоа со голем труд беа победоносно издигнати и поставени на врвовите од храмот. Радоста од овој чин ги исполни срцата на сите присутни верници и уште еднаш ја посведочи вистината дека, ете, „преку крстот дојде радост за целиот свет“.

„Колку е голема силата на Крстот! Колку моќно го промени тој човечкиот род! Како од длабока темнина нѐ изведе во бескрајна светлина, од смрт ни го врати вечниот живот, од распадливост нѐ воведе во нетленост! Кое добро што го имаме денес не било постигнато преку Крстот? Преку Крстот се учиме на побожност, учиме за Божјата природа. Преку Крстот ја научивме вистината за Бога и преку Него, ние што бевме далеку, се соединивме во Христа и се удостоивме за благодатта на Светиот Дух. Преку Крстот учиме за силата на љубовта и се учиме да се жртвуваме за другите“ (Свети Јован Златоуст).