Ефрем Ватопедски: Таму каде што е Бог, има страдања и крст

Апелациониот суд се согласи со аргументите на главниот обвинител за отсуство на обвиненија и го прекина судскиот процес кон сите обвинети во случајот за размена на имот помеѓу грчката држава и манастирот Ватопед. Присутните ја поздравија одлуката на судот со аплауз и извици „Достоен!“ и „Христос Воскресна!“, а повеќето од нив плачејќи се прегрнуваа. Адвокатот Михалис Димитракопулос го нарече ослободувањето „историско решение“ и истакна дека „Ватопедскиот манастир ќе ја продолжи својата духовна, културна и добротворна мисија, којашто веќе се практикува повеќе од 10 века“.

Архимандрит Ефрем го даде своето прво интервју после ослободувањето од обвинението и најпрвин изрази благодарност кон „Господ и Богородица за доброто завршување на делото“.

Зборувајќи за собитијата околу судскиот процес кон Ватопедската Обител и Светата Гора Атон, игуменот Ефрем изјави: „Таму каде што е Бог, има страдања и крст. Не е првпат Црквата и Света Гора да се изложени на испитанија. Ако погледнете во историјата ќе заклучите дека така било отсекогаш. Атон е место на духовен и телесен подвиг, а не место за комфор.

Света Гора е место на непрестајна борба за внатрешно преобразување и стекнување на добродетели. Страданијата и Крстот се неопходна цена којашто човек треба да ја плати за да ја испита својата вера и надеж во воскресението. Тоа се однесува за сите. Однадвор борбата е тешка, но таа го води човекот кон стекнување на натприродниот свет Христов. Без подвиг, без испитанија не може да има мир. Само Бог одлучува за тоа како и кога ќе бидеме испитани.

Јас не сакам да мислите дека страданијата низ кои поминавме беа само обични, рутински, или дека сме имале толку многу сили, па заради тоа сме станале непобедливи. Напротив, секој од нас, целиот Атон, во потполност се соочи со недостатоците на светот (за мене тоа беше поврзано и со затворска казна). Но за сѐ што ни се случува ние Го славиме Бога.

Веднаш после одлуката за ослободување реков дека ги благословувам сите и за сите ќе се молам. Ние ја поднесовме оваа борба, која беше многу напорна, за во нашите души да нема место за човечка тага.

Нашиот манастир, целиот Атон, Вселенската Патријаршија и сите Помесни Цркви цврсто се убедени во тоа дека тие имоти уште од древноста се во сопственост на манастирот, а не на некој човек.. Ова го призна и државата – во последните сто години три пати беа поднесувани соодветни официјални решенија на владино ниво. Така, наша должност беше да се продолжи со судска борба, за да се востанови правдата…

Историјата покажува дека, всушност, државата се обидувала да му го одземе имотот на Црквата и манастирите, а Црквата и манастирите не посегнувале по државната сопственост. Во овој случај, црковниот и манастирскиот имот служи за потребите на сиромашните. И до ден денес тоа е очигледно“.

Зборувајќи за иднината на Ватопедскиот манастир, Архимандрит Ефрем истакна: „Манастирот ќе ја продолжи својата духовна и благотворна мисија, која не само што не престана во последните неколку години, туку уште повеќе се зголеми. Доколку некој сака, тогаш може да ја оцени нашата мисија. Важно е да се забележи дека нашиот манастир го следи преданието и ја продолжува работата на нашите предци“.

Извор: АгионОрос