Четириесет години од упокојувањето на Архиепископ Доситеј

† Архиепископ Доситеј

Денес, на споменот на чудесното јавување на светиот Крст на небото над Ерусалим, се навршуваат 40 години од блаженото упокојување и преселување во духовното небо на првиот Архиепископ на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, нашиот возљубен духовен пастир г. г. Доситеј, во 1981 година.

Нашата благодарност кон Бога е голема што ни го издигнал овој добродетелен архипастир, светогорски монах и татко на монасите, роден на 7 декември 1906 година, којшто во монашкиот живот зачекорил во 1924 година, замонашен на својата 17 годишна возраст од тогаш меѓу народот многу познатиот и омилен духовник, јеромонахот Григориј, во Манастирот Пречиста – Кичевска. 

Архиепископ Доситеј во текот на својата пастирска служба покажал невидена смелост, пожртвуваност и љубов кон својот народ и Татковина. Зашто, само благодарение на неговата храброст и пожртвуваност, како и на сите други кои целосно се посветија на тоа благородно дело, особено по Втората светска војна, 200 години после укинувањето, повторно е возобновена Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. И како одговор на сите оние кои скептично мислат дека таа одлука беше погрешен чекор, би рекле само дека прашање е дали воопшто ќе добиевме своја држава во 90-те години, доколку не се случеше тоа возобновување на Охридската Архиепископија, бидејќи токму Црквата, домородниот клир, беше особено заслужен и потребен да се поткрепи и негува слободарскиот дух кај народот и неговата самосвесност за националната припадност, што помогна тој да се ослободи од великосрпскиот хегемонизам, кој особено владееше во редовите на Српската православна црква, во лицето на нејзините стари шовинистички настроени митрополити. Така се спречија силното настојување и апетити на овие архиереи, кои сакаа преку политичка поддршка да се вратат во нашата земја, иако беа крајно неомилени кај народот. Навистина ние никогаш не смееме да го заборавиме она што Архиепископ Доситеј го направи за нас, не смееме да ја погазиме одлуката којашто беше донесена уште пред повеќе од половина век и со која на овој народ му се запази најпрвин самобитноста, за потоа со Референдумот од 1991 година, да се создадат и услови тој да го направи вистинскиот избор за своја сопствена, независна држава.

Вечно ќе си спомнуваме за него во своите скромни молитви и ќе просиме од него да се застапува пред Бога, по молитвите на нашите славни и свети духовни татковци, Светите Климент и Наум Чудотворци, да се исправи неправдата и автокефалноста на нашата помесна православна Црква МПЦ – Охридска Архиепископија да биде признаена. Се надеваме дека поради неговото свето и благородно дело, неговиот храбар чекор, Господ ќе ги услиши неговите и наши молитви за помирување и исправање на неправдите во православната екумена, така што нашите браќа од Српската православна црква ќе ја поддржат Вселенската Патријаршија за решавање на отворените прашања во духот на Христовото братољубие.

Нека му биде споменот вечен на овој Христов великан и голем црковен и народен деец!