Архиепископ Ероним: Порака на надеж кон младите што се борат со зависност

Извор:

Во врска со меѓународниот ден за борба против злоупотребата на дроги, Атинскиот архиепископ и на цела Грција, Ероним, испрати порака до младите луѓе. Во неа архиепископот нагласи дека зависностите на ова наше време, како што се дрогата, алкохолот, коцкањето, како и зависноста од интернет, „имаат иста последица – почеток на духовна смрт“.

Ероним – Атински архиепископ и на цела Грција

Според Атинскиот архиепископ, денешните семејства и општества се изградени без темелот на вредностите, како што се љубовта и надежта. Тој им посочи на младите луѓе дека сега односите зависат од потребата и личниот интерес, и дека стравот и паниката не можат да нѐ заштитат од опасностите на зависноста. Затоа тој ги повика младите луѓе кон Црквата, додавајќи дека сега повеќе од кога било се потребни надежта и љубовта и оние вредности што може да ни ги даде верата во Бога.

„Нашиот Бог не е само распнат, Он е и воскреснат; не ја знае само болката на луѓето, туку пред сѐ, знае како да им даде живот и да им го збогати животот. Така нашата Црква, веќе две илјади години живее среде ова изобилство на живот и благодат и затоа им испраќа порака на надеж, на сите оние што сакаат да се избават од зависностите“, заклучи архиепископот Атински и на цела Грција во својата порака.