Холивудскиот актер Џонатан Џексон повторно ја посети Света Гора

Извор:

Популарниот холивудски актер Џонатан Џексон, заедно со својот 8-годишен син повторно ја посети Светата Гора – Атон, за да му предаде една од своите Еми награди на игуменот на манастирот Ватопед, Старец Ефрем.

За време на својата петдневна посета, поголемиот дел од времето Џексон го помина во манастирот „Ватопед“, за таму, заедно со монасите, да ѝ се моли на Пресветата Богородица и да го прослави нејзиниот спомен. Тој исто така ги посети и манастирите „Симонопетра“ и „Ксенофонт“.

Џонатан Џексон, кој заедно со својот син присуствува на сите богослужби, е воодушевен од животот на монасите од Атон. За својот Старец, игуменот Ефрем, вели дека е „човек исполнет со љубовта Христова“. Актерот е во близок контакт со манастирот Ватопед уште откако ја прими православната вера во грчки православен храм во САД, во текот на 2012 година. Во едно негово постаро интервју дадено за грчките медиуми, Џексон истакна дека многу копнее да ја посети Света Гора и да го види местото каде што монасите повеќе од 1000 години се молат за целото човештво.