Ние наш, нов Трет Рим ќе создадеме

Извор:

Во православното информативно пространство вестите доаѓаат секојдневно: Москва се препира со Константинопол поради Киев. Секој од патријарсите ја смета Украина за своја законска територија и наведува канони во прилог на својот став. Но, каноните не се догмати, вечни и неизменливи. Тоа се норми на црковното право, писмени сведоштва за тоа како епископите во минатото ги решавале недоразбирањата што се појавувале меѓу нив. Тие се подложни на промени, понекогаш си противречат, а понекогаш остануваат неразјаснети прашања – на пример никакви канони не го опишуваат редот за прогласување на автокефалија, т. е. на полна самостојност. А тоа значи дека секој игра како што може. (забелешка на преведувачот: сепак, апелационото право на Вселенскиот Патријарх му е загарантирано од правилата донесени на Вселенските Собори).

Константинопол инсистира дека му припаѓа првенството во целиот православен свет. Но, ако тој толку сериозно се однесува кон реториката од минатите епохи, тогаш редно е да признае дека првенството во раната Црква му припаѓала на Рим. Некогаш во минатото, источната  половина на христијанскиот свет се одделила од западниот дел, токму заради прашањето за тоа кој како го разбира првенството. И кога веќе треба да се постави еден епископ на сите православни христијани којшто ќе ги решава нивните спорови и ќе ги менува нивните граници, тогаш логично е тоа да биде римскиот епископ, а не константинополскиот. Ако треба да се копира така папското едновластие, тогаш нели е подобро да се свртиме кон оригиналот? И на крајот на краиштата, во IV век Константинополската катедра се покажала ист таков „новодојденец“ кој го нарушувал редот на древните Патријаршии, како што денес на Константинопол му се чини Московската катедра.

Москва инсистира дека не може да се прекројуваат границите на црковните јурисдикции според политичките граници и за да им се угоди на денешните управители на украинските земји. И како да заборава на тоа дека токму на таков начин таа го зеде под своја власт Киев во текот на XVII век, после последното прекројување на политичката карта и по желба на московскиот цар.

А, пак, мнозина православни жители на Киев денес се стремат кон полна независност на својата Црква од Москва – но дали се сигурни дека ќе можат да ја запазат независноста на црковните структури од државните, дека новата автокефална Црква нема да стане на прво, второ, трето место украинска, а дури на десетто – христијанска?

Сè во овој свет се повторува, а особено историјата на борбата за власт и територии. И секој вечно го смета за справедливо само она решение кое му дава повеќе.

Но, мојот дом е во Москва, мојата парохија е во РПЦ – Московска Патријаршија и јас не се тревожам за Киев и Константинопол, покрај целата моја љубов кон тие два прекрасни града. Гледам како во целата таа историја раководството на мојата сопствена Црква постепено се изолира во агол и се лишува од можноста за маневри. И нема потреба да ми велите: „Другите се, пак, уште полоши“ – дури и да е така, тоа не е утеха за еден христијанин.

Украинскиот црковен раскол трае повеќе од четвртина век. За сите тие години канонски беспрекорната Московска Патријаршија повторуваше само едно: „Вистинската Црква – тоа сме ние, покајте се пред нас и тогаш ќе решиме што да правиме со вас“. Тој став може и да е правилен, но со сигурност не функционира. Денес Константинопол предлага свој модел за надминување на расколот и во своите корени тој може да е неправилен. Но, тој успева да го предложи единствено затоа што веќе четвртина век Москва не предложи ништо суштествено. И остро отфрлајќи ги неговите активности денес, таа одново не предлага ништо во замена.

Денес често слушам: Во случај на прогласување на украинска автокефалија ќе започне војна. Не можам да сфатам: Вие тоа сериозно?! Зарем не сте забележале дека војната трае веќе 5 – та година и крајот не ѝ се гледа? Дека редоследот на настаните е токму обратен: најпрвин започна војна на украинската земја и како резултат на тоа се засилија дотогаш доста слабите стремежи кон автокефалија? Можеби заслужуваме да започнеме со тоа да ја чувствуваме болката, да го признаеме тоа нарушување – и како почеток барем да престанеме со проповедта за „рускиот свет“, дури и едноставно заради тоа што под овој слоган се бореше една од страните во оваа војна? Ако, пак, тоа не е сторено, тогаш нема зошто да се чудиме на остриот одговор.

Зборовите за тоа дека ние со украинскиот народ сме браќа и засекогаш ќе бидеме заедно, звучат прекрасно. Но вообичаено под нив се разбира следново: и поради тоа ние ќе решаваме наместо нив, зашто ние подобро знаеме што е за нив добро и како треба да стојат нештата. Не, возљубени, таков е односот не кон браќата, туку кон покорените. Братот е човек, на кого што ти му го признаваш правото на сопственост, без оглед на тоа дали тие се погрешни или не. И за да го сочуваш она коешто останало од братството,  вреди да престанеш да ги задушуваш браќата во своите прегратки и да им дозволиш сами да си го уредуваат животот.

И најчудното е, се разбира, прекинот на богословскиот дијалог со Константинопол. Во денешниот православен свет има мноштво прашања и предизвици на коишто треба да одговориме. Таков одговор може да се оствари само во дијалогот со другите православни помесни Цркви, а ако се одделиме од тој дијалог (како што веќе се случи за време на Сеправославниот собор во 2016 година), тогаш одговорите ќе бидат дадени без нас.

Игнорирањето и бојкотот не водат до победа, туку само до изолација.

Ќе има ли на следната Велика сабота емитување во етер на церемонија од Ерусалим? Ќе одат ли поклоници на Света Гора? Или ќе се затвориме во горделивата самоизолација: само ние имаме чисто и неповредено Православие, па заради тоа немаме ништо заедничко со останатиот свет: Но тоа е патот на сектата, не на Црквата.

Впрочем, тоа е вообичаениот пат.  Александар Штипков, вториот човек во црковната структура, одговорен за односот со јавноста и медиумите, објави статија во која постави сè на своето место. Константинополската Патријаршија е марионетка на САД, еретичка збирштина, којашто се стреми да го промени верскиот идентитет на Русите, се разбира преку своите наемници, либералните православни, коишто сега ја разоруваат црквата со парите на италијанските католици, а сега и на американските протестанти. Тоа е врелата статија на „Правда“ од сталиновиот период, недостасува само нешто од типот: „Целиот наш колектив мора да ги застрела предавниците како бесни кучиња“. Историјата се повторува како фарса…

Така сѐ е јасно и на место… Нема да мислиме за проблемите пред Татковината и општеството, а и пред Црквата како дел од тоа општество. Не треба да водиме тежок дијалог со оние кои размислуваат различно од нас, не треба да градиме однос со едноверци од други деноминации. Ние сме рицарите на доброто и светлината, а тие се еретици од пеколот, сите на борба, кој не успеал да се сокрие, нема да види добро. Тоа е резултатот од 30 – годишната „црковна преродба“ – тој неумолив, чист сталиновски стил, но сега веќе од името на Православието, притоа Православие со власт.

Нашите непријатели се јасни, нашите предавници се дефинирани – на работа, другари?

Андреј Десницки

Оригиналното поглавје: „Ние наш, Трет Рим ќе создадеме“ е преработка на химната на Интернационалата „Ние наш, ние нов свет ќе создадеме“.