На 16ти ноември оваа година, Константинополската Вселенска Патријаршија го канонизира преподобен Гервасиј Параскевопулос, наречен „Светецот на Патра“.
Тој бил роден 1877 година, во селото Граница, Јужна Грција и поминал многу тешко детство во бедно семејство. Од мал останал без мајка и како дете барал утеха во локалниот манастир на Пресвета Богородица Керница. Гледајќи ги фреските, еднаш тој вака му се помолил на Бога: „Христе, направи и јас да се залепам на ѕидот и да останам тука!“
Малиот Георгиј, како што му било крстеното име, по многу премрежја се нашол во Патра и тропнал на вратата на митрополитот Јеротеј. Од тогаш митрополитот го земал во своја грижа сирачето. За време на погребението на митрополит Јеротеј во Патра, тој се запознал со св. Нектариј Егински кој го извршил погребот. Потоа како ѓакон оди да учи во атинската семинарија Ризариос. За време на Балканскте војни, станува воен свештеник, а потоа е назначен за проповедник во Патра. Со својот голем духовен авторитет станал посредник меѓу непријателските страни и го избегнал крвопролевањето. Познат е по својата грижа за вдовиците, сирачињата и бегалците. Основал многу училишта по веронаука и кампови за духовно просветлување на младите. Оние што го познавале, сведочат дека бил голем молитвеник, човек духоносен и со мисионерски дух.