Нова глобална повелба за заштита на византиските споменици

Извор:

Деновиве во Солун, по тридневна средба, беше едногласно усвоена и ратификувана таканаречената „Повелба за заштита на спомениците од византиското наследство“. Претставниците на 23 земји се договорија околу принципите и мерките за заштита на византиското наследство во сите области кои биле во рамките на некогашната Византиска империја. Империјата се протегала на три континенти и сега нејзиното културно наследство може да се најде во 23 земји со различна култура, јазик, вероисповед.

Создавањето на Повелбата беше круна на еден долг процес кој се спроведе во текот на 4 средби одржани во 2001, 2003, 2006 и 2018. Повелбата беше иницирана од Европскиот Центар за византиски и пост-византиски споменици.

Повелбата ќе биде своевидно научен прирачник за земјите што имаат споменици од византискиот период. Нејзините принципи ги поттикнуваат земјите да спроведат мерки за заштита, проучување и регистрирање на бесценетите споменици што ги имаат на своја територија. Исто така оваа повелба повикува и кон интегрирање на драгоцените споменици во современото културно и туристичко презентирање на земјите пред светската јавност.

Претставници од сите медитерански земји како и од Бахран и Сирија зедоа учество во солунската средба, додека, пак, претставниците од Тунис кои првично ја прифатија поканата, го откажаа своето присуство во последен момент. Според информациите нашата земја ќе ја разгледа поканата после претстојните празници и се очекува и таа да се присоедини на земјите потписнички на Повелбата.

После ратификацијата споменатата повелба ќе биде поднесена и до УНЕСКО.