Прославен 50-годишниот архиерејски јубилеј на поранешниот Митрополит Солунски г. Антим

Извор:

Утрово, во древниот и сечесен храм на Светиот Великомаченик Димитриј во Солун, во присуство на многуброен клир и народ, беше отслужена Света Литургија со повеќе архиереи, по повод 50-годишната архиерејска служба на поранешниот Солунски Митрополит г. Антим.

„Сакаме да го почестиме достоинствениот, динамичен и борбен архиереј, духовниот отец на кого му посакуваме од душа многу години, благословени од Господа“, изјавија верниците кои рано пристигнаа во црквата, за да се помолат и да му го честитаат јубилејот на дедо Антим, кој 19 години беше на кормилото на Црквата во Солун.

Свештенството и народот сакаа да му се заблагодарат на стариот архиереј за неговите достоинство, разумност и визија.

Пригодно слово за овој повод одржа Митрополитот на Александруполи г. Антим, кој детално се осврна на заслугите на поранешниот Солунски митрополит за Црквата Божја.

Пред отпустот, Високопреосветениот Митрополит на Солун г. Филотеј ги прочита посланијата на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј и на Архиепископот Атински г. Јероним.

Нашето братство, возглавено од Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, му го честита златниот јубилеј на владиката г. Антим, посакувајќи му долгоденствие и мирна старост и благодарејќи му за неговата љубов и духовна широчина, пројавени преку неговата свештено апостолска мисија да помага на млади луѓе да се стекнат со високо теолошко образование. Имено, имајќи почит кон нашиот Старец и кон неговото севкупно евангелско дело, Митрополитот Антим, своевремено го даде својот архипастирски благослов за десетина наши студенти, на митрополитски трошок, да учат теологија на престижниот солунски Аристотелов универзитет и да учат источно-црковно пеење од најпознатите псалти и учители, во време кога нашата Црква се наоѓаше во тешка изолација од сите останати. Со ова великодушно дело, солунскиот владика придонесе да се надмине тоа и да се воспостават многу пријателски контакти.

Долгоденствувај, владико свети!