403

Светите Кирил и Методиј – причесници на Божествената светлина

 

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за споменот на Свв. Кирил и Методиј, изговорено во храмот на истоимениот бигорски скит во с. Битуше, веднаш по читањето на Светото Евангелие

 

ледајќи го сегашново торжество, мили мои, не можам, а од радост и благодарност, псаломски да не извикам: Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог! Ти си Бог, Кој прави чудеса (Псалм 76,13-14). Само што слушнавме од Светото Евангелие како Тој наш предобар и пречудесен Бог, Кој во Својата суштина е светлина – неизмерна, непристапна и незаодна – им говори на луѓето за Божествената светлина. Посакува Своето создание, паднато во мракот на гревот и незнаењето, да го направи светлина. И навистина го прави тоа: сите што Го прифатиле Него и Го усвоиле за глава на својот живот станале светлина. Прв пример за тоа ни се светите апостоли, на кои денес Господ во Евангелието им се обрати: Вие сте светлината на светот (Матеј 5,14). А, како ги направил Своите ученици светлина на светот? Со тоа што Самиот Он, бидејќи совршен Бог, стана и совршен човек, пострада на Крстот за целото човештво и по три дена славно воскресна од мртвите. И, ете, токму денес го славиме она што на црковен, литургиски јазик се нарекува оддание на Воскресението Христово, односно оддавање или завршеток на најголемиот празник во нашата Црква – светата и спасителна Пасха, именувана така според древниот еврејски празник, кој го означувал преминот на Израилот преку Црвеното Море. За нас, Христијаните, пак, Света Пасха преставува премин од минливото кон вечното; од распадливоста кон нетлението, од смртта кон животот…

Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј

Оваа година одданието на Пасхата се спојува со уште едно големо празнување – сечесниот спомен на нашите духовни татковци и учители во Христа, светите рамноапостолни Кирил и Методиј, просветителите на не малобројните словенски народи. Сесветиот Бог и нив, подобно на апостолите, ги направил причесници на Божествената светлина. Затоа и Црквата ги нарекува еднакви на апостолите: „Како единонаравни на апостолите…“ – со овие зборови започнува нивниот тропар. Соодветно, пред малку ги прочитавме евангелските зборови што Спасителот им ги упатил на апостолите, поучувајќи ги дека тие се светлина на светот, град на врв планина што не може да се сокрие и светило што се става не под поклоп, ами на свеќник за да им свети на сите луѓе. Таква светлина постанале, беспорно, и овие двајца богоподобни мажи, кои израснале во Солун, се школувале во Константинопол, се подвизувале на Олимп, и биле испратени од византискиот цар Михаил и патријархот Фотиј на една голема мисија – да ги просветлат, имено, нашите прататковци и прадедовци со нетлената светлина на Евангелието. Солунските Браќа не го одбиле тоа послушание, туку со ревност и огромна посветеност го исполниле. Се откажале од повлечениот живот во молитвена исихија, откако претходно ја беа оставиле световната суета и удопство и заминале на монашки подвиг во манастирот Полихрон, на планината Олимп во Мала Азија; од нивните прекрасни житија сите ние добро знаеме дека Свети Методиј се откажал од високата положба на военоначалник и законотворец, додека, пак, неговиот помлад брат Константин, кој бил философ на царскиот двор, ја напуштил учителската столица на тогаш најпознатата и највисока Магнаурска школа и престижното место на хартофилакс, т.е. библиотекар на патријаршиската библиотека при великата црква „Света Софија“ во Константинопол.

Но, што се случило со Светите Браќа, откако оставиле толку високи положби и перспектива за блескави кариери, и заминале в манастир, на послушание кон Светата Црква? Константин-Кирил Философ постанал за Словените нов Мојсеј, кој со многу чудеса и просветление го повел родот словенски од мракот на незнаењето кон светлината на богопознанието, правејќи го народ писмен и богоизбран, а Методиј – нов Аарон, првосвештеник што го поткрепувал народот со бројни чудеса и знаменија. И, навистина, бесценето сокровиште на вечност и убавина ни оставиле во наследство светите рамноапостолни Кирил и Методиј. Семето на верата и благочестието посеано од нив, со време израсна во многуразгрането и многуплодно дрво на словенското Православие, писменост, култура… Нивни духовни рожби, макар и последни и најнедостојни, сме и сите ние собрани овде денес.

Вознесение Господово

Според боговдахновениот поредок на црковното богослужение, утре го славиме празникот на светото Вознесение Господово. Со тој необичен настан, подробно опишан во Евангелието од Лука (24,50-51) и Делата на светите апостоли (Дела 1,9-11), човечката природа била конечно вознесена на небесата. И не само Христос со Своето тело седна оддесно на Отца, туку и сите верни седнуваат заедно со Него, бидејќи Он ја зеде, ја освети и ја обожи нашата човечка природа со Своето сеславно Воскресение и свето Вознесение. Дури и самото небо било зачудено како човечкото естество се искачи толку високо на духовното небо и седна оддесно на Бога Отецот: „Ангелите се восхитуваат, гледајќи Го Човекот повисоко од себе“ – се пее во една стихира од празникот. Утре, на светото богослужение за Вознесението, ќе го слушнеме и необичниот дијалог помеѓу небесните сили, кои се чудат за безграничноста на Божјото човекољубие: „Кога се вознесуваше во слава, Христе Боже, горните сили извикуваа говорејќи: ’подигнете ги, кнезови, вратите ваши и ќе влезе Царот на славата…‘ Силите небесни, гледајќи го тоа, еден на друг си викаа: ’Кој е Овој‘ И одговор добиваа: ’Овој е семоќниот и силниот; Овој е силниот во битките; Овој е навистина Царот на славата‘“. И самите свети ангели биле восхитени и счудоневидени од Божјиот домострој за спасението на човечкиот род: од воплотувањето и раѓањето Христово; од Неговите страданија, понижувања, крстната смрт, погребението; од Неговото Воскресение и Вознесение. Затоа и се запрашувале кој е Тој Цар на славата; не можеле ни тие да ја разберат Неговата бескрајна љубов кон Своето создание. И сето тоа за да нè направи и нас светлина, само ако тоа го посакаме со сето свое битие. Доколку се потрудиме барем малку во подвигот за љубовта Божја, ќе станеме и ние богови по благодат, како што станале светите рамноапостоли Кирил и Методиј.

Проповедта ја започнав со Давидовиот восклик: Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог! Ти си Бог, Кој прави чудеса (Псалм 76,13-14). Еве, денес служиме Литургија токму во едно големо чудо на нашиот Бог. Имено, во овој, вистина недовршен, но преубав храм, изграден на оваа тешко пристапна висорамнина, каде некогаш имаше караула со војници што ја чуваа нашата Татковина. Сега Господ посака да испрати уште посилна, духовна војска овде горе, на границата на нашата држава, и на највисокото место во овој крај да запали светилник на верата наша; крстот Христов да засветли овде и денес да ја отслужиме првата Света и Божествена Литургија! Можеме слободно да кажеме дека од денес ова место станува дејствителен манастир, бидејќи уште малку ние, кои сме дел од Црквата Христова, ќе се соединиме со Него преку Неговите пресвети Тело и Крв.

Архимандрит г. Партениј и ктиторот г. Горан Џикоски го прекршуваат празничниот колач

Би сакал на крај да посочам дека, на наша голема радост, заедно со нас овде е присутен и ктиторот на овој велелепен храм, г. Горан Џикоски. Иако ни доаѓа од нашата престолнина, г. Џикоски е Мијак по род. Цврсто верувам дека неговите предци го просветиле да ги чуе нашите желби да построиме манастир на ова место. Неодамна тој ме потсети на нашиот прв разговор за овој проект. Имено, јас сум му кажал: „Ах, колку би сакал на местото од некогашната полураспадната караулата да подигнеме конак, а наспроти неа – еден убав храм во византиски стил…“ А, тој ми рекол: „Добро, оче, ќе направиме сè што сакате“. „Но, за тоа се потребни многу средства“ – сум продолжил јас. „Ако, ќе направиме!“ – ми одговорил тој. Што мислите: не е ли ова едно големо чудо? Светите Кирил и Методиј измолиле од Бога да му проговори и да го отвори неговото срце, та да постапи и тој како неговите предците некогаш, како славните Мијаци, кои изградиле многу храмови Божји, бидејќи самите тие биле живи храмови на живиот Бог; биле просветители на целиот народ наш, особено во 19-от век. Не можејќи, веројатно, во овие планини да се занимаваат со земјоделие, тие се посветувале претежно на умствени дејности, така што многумина од нив станале просветители, учители, зографи, неимари, учебникари, духовници…, и се прочуле на целиот Балкан, па и пошироко.

Господ Бог, по молитвите на Светите Кирил и Методиј, да ни помогне овој храм што побрзо да го завршиме, но, најважно од сè – да постанеме и ние храмови на Божјата благодат, да бидеме светлина како што нашиот Бог е светлина. А, ќе ни помогне доколку се трудиме повеќе во доброто како што се потрудиле и Светителите што денес ги славиме. Знаеме колку послушни биле тие кон Божјата волја изразена преку Црквата: претходно тие биле на мисија кај Сарацените, Хазарите и Аланите, среде кои го проповедале светото Евангелие, за потоа да појдат и на тешката мисија меѓу Словените во Велика Моравија. Нивниот животен пример блескаво ни покажува дека за да бидеме заедно со Бога, со Светлината, и нашиот живот да биде исполнет со вистинска радост и мир, потребно е да правиме послушание кон светата Црква.

Да сте живи и здрави и Светите Кирил и Методиј да измолат од Бога мир и единство за сите словенски народи, а особено за Татковината во која се родиле и каде што нивното дело вродило со најголем плод преку нивните најславни ученици – Светите Климент и Наум Охридски!