Постот и простувањето – подвиг на христијанската љубов

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на умилителната вечерна на простувањето

Мили мои, да Му благодариме на Бога што и оваа година нѐ приведе во ова свето време на Великата Четириесетница, кога Он штедро ги отвора вратите на милосрдието за сите нас.

Во молитвите за благослов на постот што ги прочитавме пред малку, меѓу другото се вели: „Господи, Ти си го поставил постот со законот, пророците и евангелистите“. Всушност, ползата од постот може да се увиди и преку тоа што тој, како израз на љубовта кон Бога, му бил даден на нашиот прататко Адам уште во Рајот. Преку него, своето благочестие и почитта кон Бога ги искажувале сите старозаветни праведници. Читајќи го Светото Писмо, ќе забележиме дека сите големи личности постеле пред да направат некое свето дело, пред да се сретнат со Бога. Така, на пример, великиот пророк Мојсеј, постел четириесет дена и четириесет ноќи пред да Го види Господа на гората Хорив и да ги добие Плочите на Законот, односно десетте Божји заповеди. Исто така и пророкот Илија постел строго и со голема ревност, па затоа се удостоил да ја гледа славата Господова. Свештената историја ни сведочи дека цели народи биле спасени благодарение на покајничкиот пост. Да се потсетиме на Ниневијците, на кои поради нивните лоши дела им претстоело страшно истребување. Меѓутоа, Бог во Своето милосрдие се сожалил над нив и сакал да ги спаси преку постот, кој има исцелителна сила против злото. Он го избрал пророкот Јона и го испратил меѓу Ниневијците, за да им објави дека доколку се покајат нивното царство ќе биде поштедено. Тогаш разумниот цар го послушал гласот на пророкот и со државничка власт наредил сите луѓе, вклучително и самиот тој и неговите големци, да постат четириесет дена и четириесет ноќи и да се откажат од лошите патишта и од неправдите што ги вршеле. Овој сенароден подвиг Му бил пријатен на Бога, па се смилувал над Ниневија и над нејзиниот народ.

Многубројни се примерите во Светото Писмо за полезноста на постот. Старозаветниот пост преминал и во новозаветната Црква, со него се подвизувале и светите Апостоли, како и сите светии и угодници Божји. Но, најважно, постот го запазил и Оној Кој немал никаква потреба од него – Пречистиот наш Спасител, Господ Исус Христос, само за да ја покаже полезноста на постот, проследен со христијанските добродетели.

Па така, мили мои, имајќи ги како пример сите светии и пред сѐ, Самиот Христос како превосходен показ, да се потрудиме богоугодно да го поминеме ова време на покајание и духовно очистување и издигнување. Духовната пролет, како што ја нарекуваат светите отци Великата Четириесетница. Време кога поради нашите мали трудови расцутуваме со многу благодатни дарови. Затоа, охрабрете се! Потребно е со храброст да пристапиме кон постот, не со колебање, ами со љубов. Да влеземе во овие свети денови на посното поприште како духовни воини, како атлети Христови. Само тогаш постот ќе ни биде од полза, а ќе бидеме поткрепувани и од светите ангели. Великопосниот богослужбен ред предвидува во секоја среда и петок да се служи т.н. Литургија на претходно осветените дарови. На оваа специфична и преубава богослужба, наместо вообичаената херувимска песна што се пее на Златоустовата и Василиевата Литургија, ќе се пее песната Ныне Силы Небесныя с нами невидимо служат, т.е. Сега силите небесни со нас невидливо служат. Светиот папа Григориј Двоеслов, кому му се припишува составувањето на оваа Литургија, сакал да ни покаже дека заедно со нас служат и ангелите. Бог ни ги испраќа за да нѐ поткрепуваат во текот на постот и да нѐ поттикнуваат да правиме богоугодни дела, преку кои се доближуваме до Него. Доколку, пак, почнеме да размислуваме малодушно дека, ете, од утре ќе ни биде тешко, ќе треба да се лишиме од нашата омилена храна, ќе ни биде мачно да ги оставиме нашите грешни навики, или да се лишиме од некои задоволства, тогаш уште од самиот почеток ја губиме ползата од постот. Не може војник кој се плаши од непријателот, да победи во битка. Храброста е неопходна добродетел. Следствено, да Го замолиме Бога да ни ја даде и како духовни атлети, со радост да зачекориме преку прагот на претстојниот подвиг, благодарејќи Му што и оваа година нѐ удостои со овој душеполезен маратон. Да го возљубиме од срце ова прекрасно време, овој голем и свет Пост. Голем не само поради должината, туку и затоа што завршува со најголемиот празник на нашата спасителна вера, сесветлото Воскресение Христово, темелот на нашето суштествување.

Влегувајќи во арената на четириесетдневната благодатна борба, ние никако не смееме да ги осудуваме ближните од нашата околина што нема да постат. Напротив, да се молиме усрдно за нив, та и тие еден ден да Го побараат Христа и со добри дела да Му угодуваат. Од нас не се бара осуда и предимство над другите, туку љубов и простување. Во денешното Евангелие, Господ Исус беше многу јасен: Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен. Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите (Матеј 6,14-15). Не можеме, значи, да постиме доколку не се измириме и не им простиме на сите. Зашто постот е еден наш мал дар кон Бога, а дар не може да се принесе, доколку братот има нешто против нас. Не вели: „ако ти имаш нешто против братот твој“ – за тоа да не ни помислуваме – туку вели: ако брат ти има нешто против тебе (Матеј 5,23). Ако братот има нешто против тебе, оди ти и побарај прошка. Нема да бараме тука земска правда, судии, адвокати, па да испитуваме кој е во право. Јас одам прв, иако можеби сум сигурен дека сум во право, совеста ми кажува така, но сепак прв одам да барам прошка од ближниот. Да ни даде Бог благодат сите да го правиме тоа. Да им простуваме особено на оние на кои ни е тешко да им простиме. Тука е подвигот на христијанската љубов. Вечерва сите што сме овде собрани ќе си кажеме еден на друг прости. Но, да не биде кажано тоа рутински, оти така налага обичајот, туку од срце, со вистинско простување. И не само на тие со кои ќе се сретнеме вечерва, туку и на оние на кои навистина треба да им кажеме прости. На оние со кои сме изгубиле комуникација, со кои нѐ дели ѕидот на нашите страсти, на нашиот егоизам.

На крај, ве замолувам и смирено од вас барам да ми простите и мене за сѐ што како духовник сум ви згрешил, како и за сите мои гревови од сите денови на мојот живот, бидејќи нема човек кој ќе живее, а да не згреши. Понекогаш тие што имаат голема духовна власт и одговорност, можат и најмногу да згрешат. Јас се чувствувам последен и најгрешен од сите и затоа се надевам на вашите молитви и на вашата прошка. Доколку најдете сили да ми простите и Бог ќе ви прости вам. А јас, најнедостојниот, на сите ви простувам со најголема љубов. Кога Бог им простува на сите, вклучително и мене, кој сум тогаш јас да не простам?! Вечерва ми дојде една размисла за тоа како Христос во Евангелието се среќава со грешниците, никого не отфрла. Само една искра на покајание, една желба за мала средба со Бога, веднаш Го привлекува Христа кон грешникот. Сетете се на разбојникот на крстот, на блудницата којашто требаше да биде каменувана според законот, на Закхеј кој имаше само желба да Го види од смоквата… Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом (Лука 19,5). Колку и да сме грешни, Бог сака да биде во нашиот внатрешен дом, во нашето срце.

Да сте благословени, добар пост и на крајот сите да се удостоиме со радоста од славно воскреснатиот наш Господ!