(Видео) Продолжи ги богољубивите и родољубивите дела

Слово на хиротонијата на г. Партениј, Епископот Антаниски, во Катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на 12.7.2020 година.



Преосветен владико,

Денес, на празникот на светите првопрестолни апостоли Петар и Павле, со силата на Пресветиот и Животворен Дух, во заедничката молитва со присутниот народ Божји, и преку возложените раце на архијереите, ти постана епископ во Црквата Христова и приемник на апостолското служење.

Епископите, во црковната традиција, се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнуваат важноста на службата и високата мисија на која се назначуваат оние коишто се удостоиле на тој чин. Оној што ја примил Божјата благодат, тој презема и обврска да се грижи, како што вели светиот апостол Лука, и за себе и за целото стадо, во кое Духот Свети ве постави за епископи, за да бидете пастири на Црквата на Господ Бог, која ја придоби Тој со Својата крв[1].

Ние веруваме дека Оној, Кој им дарувал сила на апостолите за да сведочат за Него, им ветил и дека со нив ќе биде преку сите дни до крајот на светот[2], и Тој ги поткрепувал сите генерации приемници, од апостолско до наше време. Ете, преку Тој Дух на вистината, Кој што Го примија Христовите апостоли на Сионската височинка, а во Светата Црква се чува со сета своја полнота, и ти, на денешнава хиротонија, се удостои да примиш дух на мудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и богобојазливост[3]. Токму сето тоа, веруваме, ќе ти помага да продолжиш и, преку новата должност, уште побудно да ги надгледуваш доверените души, давајќи им пример на сите[4]. Епископската служба бара секојдневен подвиг и постојана истрајност, и, како што советува апостолот, ако така постапуваш, ќе се спасиш и себе самиот и оние што ќе те слушаат[5].

Со денешниов чин, преку Светиот Дух, врз тебе се изли љубовта Божја[6], и тој дар ќе ти помага со љубов да им служиш на луѓето и да ги исполнуваш задолженијата што ќе ти бидат определени од нашата Света Црква и од надлежниот архијереј. Продолжи да ги надградуваш доверените души во доброто и во благочестието. Постојано моли се за твоите дела да Му бидат угодни на Бога. А љубовта Божја ќе ти дава сили за секое добро дело, зашто, како што вели свети Ефрем Сирин, „кој има љубов, тој ја исполнува волјата Божја и тој е ученик Божји“[7], односно кој има љубов, тој никогаш и никого не одбегнува: ни млади ниту возрасни, ни славни ниту непознати, ни сиромашни ниту богати, туку себеси се поставува подолу од сите, за сѐ се извинува и сѐ претрпува[8], како што порачува светиот апостол Павле.

Ваквите совети нека ти бидат водилка и нека ти помагаат за да бидеш добар пастир[9], трудејќи се да имаш мир со сите и да имаш светост, без која никој нема да Го види Господа[10]. А сето тоа ќе можеш да го постигнеш служејќи Му на Бога и на верниот народ, преку послушност кон Господа и кон Мајката Црква.

Љубовта евангелска и понатаму нека ти биде мерка во сите твои дела, во сите твои постапки и однесувања, како кон монаштвото и кон свештенството, така и кон верниот народ. Биди пример во верата, која дејствува преку љубовта[11], и труди се со личниот пример да упатуваш кон Патот на спасението и кон Изворот на надежта.

Како архијереј, викарен на Дебарско-кичевскиот Митрополит, и игумен на Бигорскиот манастир, во крај и меѓу народ од различни националности, култури, верски и други припаѓања, продолжи да негуваш добри односи со сите, труди се да покажеш дека Црквата има обединувачка задача, дека сѐ и во сѐ е Христос[12] и дека во Него сите треба да сме едно[13].

Од она што си го постигнал како игумен и духовник на Бигорскиот манастир, покажуваш дека Бог те дарувал со различни дарби: да насочуваш кон вистинскиот пат, да привлекуваш за Господа и да упатуваш кон Господа богокопнежливи души, да им ги откриваш тајните на монашкото живеење, да го шириш словото Божјо и да ги умножуваш оние коишто ќе живеат достојно според заповедите на верата.[14]

Продолжи да градиш и да надградуваш дела со трајни вредности, дела за слава на Бога и дела спасоносни за нашиот народ. Проповедај го словото, настојувај во погодно време и во невреме, укорувај, забранувај, советувај со голема долготрпеливост и поука[15], за да можеш што појасно и што поубедливо да ја сведочиш евангелската вистина и на верните да им служиш како пример во словото, во поведението, во љубовта, во духот, во верата и во чистотата[16], како што советува светиот апостол Павле. Ако така постапуваш, ќе можеш и понатаму да привлекуваш, и во манастирот и во Црквата, уште побројни души коишто копнеат по вистината и по Бога.

Во досегашниот 25-годишен монашки живот, ти покажа и богољубие и родољубие, се стекна со мудрост и искуство потребни за секој духовник и пастир. Твоето име ќе биде забележано меѓу оние коишто го продолжија и го помогнаа воскреснувањето на монаштвото во Македонија. По твојот пример тргнаа десетици и десетици монаси и монахињи, па, денес, покрај во Бигорскиот и во Рајчица, се црнеат монашки раси уште во неколку наши други манастири. Прилика е да го истакнеме и тоа дека под твое раководство воскресна и мијачката градителска мајсторија, а покрај неимарските убавини, Бог те дарувал и луѓето духовно да ги надградуваш и да ја градиш Црквата во нивните души ‒ да придонесуваш во градбата на живата Црква.

Досегашното монашко и игуменското искуство, ќе ти бидат од голема полза и во епископската служба. Денешниов чин е за сеопшта радост на нашиот верен народ и на нашата Света Црква, но, веруваме, се радуваат и душите на славните претходници: на Јован Дебарски, првиот и славен Архиепископ Охридски, на родољубивиот Мијак Партениј Зографски ‒ Епископот Кукушко-полјански, како и на Иларион и на Арсениј, и на сите доблесни игумени и црнорисци од сите генерации на Бигорските братства и од сите места во Бигорската околина, коишто ги красела љубовта кон Бога и кон родот наш.

Поткрепувајќи ги духовно слабите и морално паднатите, помагај им на оние коишто тргнале по лош пат и се оддале на современите зла, како и на сите коишто не ја нашле или скршнале од вистината. Во овие времиња преполни со најразлични искушенија и предизвици, наоѓај време за сите, а особено за помладите. За жал, како народ, држава и Црква, сѐ уште сме пред портите на правдата: и за националната и за црковната македонска вистина. Но силно веруваме дека ќе истраеме и дека се ближи денот кога и последните неверни томи ќе ја разберат и ќе ја прифатат сета наша македонска вистина. Во таа борба за нашата вистина и правдина, повикани сме сите да учествуваме: и јерархијата, и монаштвото, и свештенството, и верниот народ и сите коишто оваа земја ‒ Македонија, ја чувствуваат за своја Татковина, а Црквата Македонска и Охридска ‒ за своја духовна Мајка.

Преосветен владико,

Внимавај и чувај ја довербата што ти се дава и, по молитвите на светиот Јован, Претечата и Крстителот Господов, на светите првоврховни апостоли Петар и Павле и на светите Климент и Наум,  охридските чудотворци, сите твои постапки и дела нека бидат за доброто на нашите народ и Црква, та во сѐ да се прослави Бог преку Исуса Христа, чија слава и владеење се вечни[17].    

Прими го овој епископски жезол и благослови го народот Божји, принесувајќи молитви кон милостивиот Бог, за да ти испрати изобилни дарови од Животворниот Дух, да те усоврши, да те укрепи и да те направи непоколеблив[18]! Амин!

Долгоденствувај, Преосветен владико!


[1] Дела 20, 28.

[2] Мт. 28, 20.

[3] Иса. 11, 2.

[4] Сп. 1 Пет. 5, 2-3.

[5] Сп. 1 Тим. 4, 16.

[6] Сп. Рим. 5, 5.

[7] Свети Ефрем Сирин, Творения Tом 1, издава манастир „Свети Вмчк. Георги Зограф“ Света Гора, 2002, 28.

[8] 1 Кор. 13, 7.

[9] Сп. Јн. 10, 11.

[10] Сп. Евр. 12, 14.

[11] Гал. 5, 6.

[12] Кол. 3, 11.

[13] Сп. 1 Кор. 12, 13 и Гал. 3, 27-28.

[14] Сп. Дела 6, 7.

[15] 2 Тим. 4, 2.

[16] Сп. 1 Тим. 4, 12.

[17] 1 Петр. 4, 11.

[18] Сп. 1 Петр. 5, 10.