Се осветија темелите на храмот во чест на Светите Браќа Кирил и Методиј

Дојдете, верни, да ги восфалиме богоносните отци Методија и Кирила, проповедници на благочестието, кои болснаа со добродетели, вистински столбови и темели на Црквата, божествени труби на Христовите догмати, бидејќи тие, откако го изгонија од нас мракот на неверието, и со огнот на Духот го изгореа безбожието на ересите, со преводот на Светото Писмо, словенскиот род од дива маслина го претворија во богоплодна, и со божественото крштение го приведоа во верата Христова, и целата вселена со мноштво чудеса ја исполнија. Поради тоа, како носители на венци, стојат пред Бога Седржителот. Кон нив да повикаме: Отци божествени и рамноапостолни, молете се на Христа, да им дарува на сите словенски народи цврстина и единомислие во правата вера, да го смири светот и да ги спаси душите наши.

Икос од Богослужбата на Светите Кирил и Методиј

Уште утрото исполнето со радост и молитвен трепет го покажа овој ден како вистински момент за свечениот чин на осветување на темелите на храмот на Бигорскиот скит „Свв. Кирил и Методиј“, кој нетрпеливо се очекуваше. Монашкото братство и сестринството од Рајчица и големото мнозинство присутни верни ги обединуваше една иста мисла, една иста молитва кон Светите Браќа – за нивното благодатно присуство да го направи уште поторжествен и подостоинствен овој чин. Нашиот старец, архимандрит Партениј, кон молитвата своја придружи и топла благодарност, зашто без благословот на славните рамонапостоли и наши просветители, Бог не ќе ни ја дадеше оваа денешна радост, не ќе вдахнеше желба во срцата на благоверното и благочестиво семејство Џиковски од Скопје да ја подарат целосната изградба на овој нов Бигорски скит над селото Битуше. Нивните светли лица ја одразуваа сета нивна среќа што се удостоија да бидат завештатели на едно толку благословено светилиште, на еден нов центар на просвета за духовно гладните, и така да го стекнат молитвеното застапништво на Светите првоучители Кирил и Методиј. Видлив беше веселиот дух и кај гостите од околните села, ценетиот градоначалник, г. Мукрем Мехмеди, а особено кај битушани, зашто не е мало нешто нивното село да се закити со ваков прекрасен манастир, кој како изгреано сонце насекаде ќе ги фрла своите благодатни зраци и ќе ги осенува со благослов сите мијачки села и домови, изгонувајќи го мракот на незнаењето.

А таму горе, на планинската висорамнина на Крчин, среде шареноликата толпа блескаше со посебен сјај раскошно украсената икона на славните солунски Браќа, величествено положена во рацете на четворица носачи, облечени во традиционални мијачки носии. Така, самите Светители, држејќи го високо издигнато Евангелието и штедро благословувајќи од иконата, го пречекаа нашиот надлежен почитуван архипастир, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој со особена почит кон овие големи столбови на нашата Црква, чиноначалствуваше со осветувањето на темелите на новиот храм, што ќе го носи нивното славно име. Вивнаа огнени молитви кон небото, исполнети со радосно благодарење, кога стаклениот сад со повелбата свечено беше положен во посебно приготвените мермерни камења, со иницијалите ИС ХС НИ КА (Исус Христос победува) и затворен со мермерна плоча, раскошно украсена со византиски шари и прекрасен христограм (Исус Христос α и ω – Исус Христос е почеток и крај), што засекогаш го запечати ова писание и го означи благословениот почеток на градењето на овој храм, во слава Божја. Давајќи го својот архипастирски благослов, митрополитот Тимотеј го пофали благочестивото дело на дарителите и посака за многу брзо време повторно да се сретнеме на истото место за радосно да го осветиме новоизградениот дом Божји.

Слава ви вам, Свети наши родители во Христа, Кириле и Методие, зашто родот наш слеп беше, а вие вид му подаривте за со свои очи благодатно да гледа во Сонцето на правдата – Христос Бог наш. Гладен беше, а вие го нахранивте со Лебот на животот што слезе од небото. Во безбожничка лага тонеше, а вие кон Вистината го приведовте. И сега погледнете на нас, вашите смирени чеда, и испросете од Бога благодатни сили за овој храм, што во ваша чест се подига, да биде достоен одраз на вашата небесна слава, со голема љубов почитта своја кон вашето дело во него да ја вградиме и како светлозарна кула на богопознанието високо да го издигнеме, па оттука молитви да потечат и безброј усти Господа да Го слават, правејќи заеднички хор со ангелите на небесата и пеејќи непрестајно славословие кон Бога. Амин!

✠✠✠

Македонска Православна Црква
ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКА ЕПАРХИЈА
Бр. 183 од 31.05.2014 год
ОХРИД

ПОВЕЛБА

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ
НИЕ, ТИМОТЕЈ, МИТРОПОЛИТ ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ, ДЕНЕС НА 31/18 МАЈ 2014 ГОДИНА, НА ПРАЗНИКОТ СВ. МЧ. ТЕОДОТ АНКИРСКИ И СВ. МЧ.-ЦИ ПЕТАР, ДИОНИСИЈ И ДРУГИ, ИЗВРШИВМЕ ОСВЕТУВАЊЕ И ГО ПОЛОЖИВМЕ КАМЕН-ТЕМЕЛНИКОТ ЗА ИЗГРАДБА НА ХРАМОТ – СКИТ НА БИГОРСКИОТ МАНАСТИР, ПОСВЕТЕН НА СВЕТИТЕ СОЛУНСКИ БРАЌА, СЕСЛОВЕНСКИТЕ ПРОСВЕТИТЕЛИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ ВО С. БИТУШЕ, НА ВИСОРАМНИНАТА НА ПЛАНИНАТА КРЧИН.

ЧИНОТ НА ОСВЕТУВАЊЕТО СЕ ИЗВРШУВА ВО ГОДИНАТА КОГА ПОГЛАВАР НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА Е НЕГОВОТО БЛАЖЕНСТВО АРХИЕПИСКОПОТ ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ Г. Г. СТЕФАН, А ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е Г-ДИН ЃОРГЕ ИВАНОВ.

ХРАМОТ ЌЕ СЕ ГРАДИ ПО ИНИЦИЈАТИВА НА АРХИМАНДРИТОТ ПАРТЕНИЈ, ИГУМЕН НА МАНАСТИРОТ „СВ. ЈОВАН КРСТИТЕЛ – БИГОРСКИ“, А ДАРИТЕЛИ НА ХРАМОТ СЕ БЛАГОЧЕСТИВОТО СЕМЕЈСТВО ЏИКОВСКИ ОД СКОПЈЕ.

МИТРОПОЛИТ ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ
ТИМОТЕЈ