Вознесение Христово

Без да се одвоиш од прегратките на Отецот, најсладок Исусе, и откако на земјата како човек поживеа, денес од Елеонската Гора се вознесе во слава, и нашата падната природа милостиво ја вознесе, за да ја сместиш крај Отецот, заедно со Тебе. Затоа небесните бесплотни чинови, од чудото восхитени, но и од страв, ужас и треперење обземени, го величаа Твоето човекољубие. И ние, на земјата, заедно со нив славејќи го Твоето снисходење и Твоето Вознесение, се молиме и говориме: Ти, Кој во денот на Твоето Вознесение со радост неизмерна ги исполни учениците и Богородица Која Те родила, и нас – Твоите избраници, по нивните молитви, за таа радост удостој нè, поради Твојата милост голема.

Од Вечерната на Празникот

Чудесен, божествен Посетител имала нашата планета. Чудесно Он слегол од небесата, се облекол во тело од Пречистата Дева Марија, се родил неискажливо во пештерата во Витлеем, ја зел на Себе нашата човечка природа; 33 години поживеал со нас луѓето на земјата, го посеал семето на Своето возвишено учење, го разгорел неизгасливиот оган на вечната љубов и убавина. Со Своето преславно тридневно Воскресение Он го обессили нашиот најголем угнетувач, го порази нашиот конечен пораз, „со смрт смртта ја победи…“ И сето тоа го направи така прекрасно, така чудесно, непоимливо, сообразно на Неговото божествено благородство. Па така, откако го заврши Своето човекољубиво искупително дело, милостиво давајќи му ја на човекот можноста за враќање кон „првобитната рајска убавина“, и призивот за Божјо достоинство, дојде време да се врати таму од каде што беше дошол. И како што Воскресението од мртвите одговараше на Неговата семоќ, така и Вознесението на небесата доликуваше на Неговата величественост. „И ги изведе (учениците Свои) надвор до Витанија, па како ги подигна рацете, ги благослови. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото“ (Лк. 24, 50-51). Тоа, пак, „ги отвораше своите двери, покажувајќи ја сета своја убавина, а земјата ги откриваше своите скривници, за да го открие падот на Адама и неговото издигнување“ кон Бога. Учениците, од радост растреперени, го видоа тоа спасително чудо и се вратија во Ерусалим, очекувајќи го Духот Утешител.

Со Своето раѓање во човечко тело, Спасителот Господ Исус Христос ја обожи нашата падната природа. Сега, пак, со Своето Вознесение ја воздигна неа до божествените предели, ја зацари на Божјиот царски престол, откако „седна оддесно на Отца“. Затоа денешниот Празник со „славна и неискажлива радост“ вселената ја исполнува. Го исполни со таа радост и Бигорскиот соборен храм, каде, со клучот на тивкото молитвено созерцание на тие таинствени слова од богослужението, како духовно да се отворија небесата, откривајќи ни преубава глетка: нашето тело, во кое Спасителот од несфатлива љубов посака да се облече, денес до Божјиот престол се вознесува и сопричесник на Божеството постанува. Ангелите се чудат, херувимите треперат, серафимите од страв и восхит својот поглед го затскриваат; одозгора, пак, најпосакуваниот глас се слуша: „Ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“. А ние, чудејќи се и радувајќи се заедно со учениците Христови, говориме: „Да, Пастиру добар, не разделувај се од нас, туку испрати ни го Твојот Пресвет Дух, Кој ќе ги води, и утврдува, и просветлува, и осветува душите наши“. Амин!

И додека сега, радувајќи се, Христовото преславно Вознесение го прославуваме, со тага и почит во срцата наши и за едно друго минато собитие на овој ден молитвено си спомнуваме, за никогаш да не го заборавиме мигот кога древната христијанска престолнина – славниот Константинопол, поради гревовите и неслогата на православниот род, падна во рацете на иноверните, на денешен ден, 1453 година. Нека ни биде овој настан постојан потсетник за наше покајание, а милостивиот наш Господ нека ги упокои во Своето лоно душите на сите кои паднале на браникот на верата православна, зашто „никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели“ (Јн. 15, 13).