Таинствено созерцавајќи ја неискажливата широчина, должина и длабочина на Крстот, нашиот возљубен Старец, архимандрит Партениј, ги поткрепи сите со своето вдахновено слово за вистинската смисла на Крстот во животот на Христијаните:
Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во навечерието на празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, во манастирската трпезарија, во Рајчица
Возљубени мои браќа, сестри и чеда, поклоници на Чесниот и Животворен Крст!
Чувствувам потреба најнапред да ви се извинам што воопшто не се подготвив претходно за да ви беседам нешто за Воздвижението на Чесниот Крст и неговото значење за нас Христијаните. Впрочем, не ни помислував вечерва нешто да кажам. Но на вечерната богослужба ми пристапи една сестра монахиња и ми дошепна: „Отец, нема ли да ни кажете нешто за Крстот Христов?“ Го погледнав тогаш архимандритскиот украсен крст што го носам на градите; погледнав и наоколу во храмот – каде и да се свртев, секаде го забележував тој најубав црковен украс, тоа блескаво Спасителово знамение: на иконостасот, на градите од луѓето, на иконите, на полиелејот, на ѕидовите… И ми дојде помисла: зарем крстот е само украс? Па си спомнав за едена прекрасна црковна песна, за таканаречениот светилен на Чесниот Крст, кој гласи: „Крстот е пазител на целата вселена, крстот е украс на Црквата, крстот е сила на царевите, крстот е тврдина на верните, крстот е слава на ангелите и пораз на демоните“. Навистина, тој е украс, но победоносен, сесилен, сеславен, „оружје на мирот, непобедлива победа“. Затоа и насекаде во црквата го има тој победоносен Христов симбол: го носиме на себе, го гледаме изобразен на иконите, одеждите, црковните книги итн.
Меѓутоа, во исто време, крстот значи и распетие – една голема, голема тежина за секого од нас. Можеби сега некои ќе се запрашаат: „Ами, кога крстот претставува тежина, зошто тогаш има потреба да го носиме и да одиме по Христа? Што полза од тоа?“ Самово ова прашање од почеток е грешка. Едноставно сите во овој живот носат крст. Дури и оние кои не веруваат во Бога носат свој крст, можеби и најтежок. Несомнено, сите ние добро знаеме, во нашето секојдневно опкружение јасно гледаме како луѓето носат свои животни крстови. Гледаме разни страданија, искушенија, маки, предизвици, болести…, и кај оние коишто веруваат, а се разбира и кај оние коишто не веруваат. Меѓу првите и вторите, сепак, постои една огромна разлика. Тие, имено, коишто веруваат во Христа, во Оној Кој го победи злото и смртта на Крстот, тие накрај, после истрпените страданија, добиваат и воскресение. Таквите имаат, да се изразам со световен речник – среќен крај. Нивните маки и страданија, што ги поднесувале во овој живот, носејќи го својот крст со смирение и благодарност, подобно на Христа, се претвораат во благослови и блаженства. Сите тие страдања поднесени со вера во Бога и надеж во воскресението, имаат среќен крај. Затоа што знаеме дека со Христа, преку Крстот Негов, добивме избавување од злото и живот вечен.
Да се потсетиме за миг и на Голготската драма. Таму имаше три крста: насреде беше издигнат Христовиот Крст; од десната страна – крстот на благоразумниот разбојник, кој со покајание поверува дека Распнатиот до него е Оној Кој може да му даде живот вечен – таинствено откровение што во тој миг не го гледаше никој друг, па дури ни апостолите; и конечно, од левата страна беше поставен крстот со разбојникот кој не само што не веруваше, ами и злобно роптаеше, затоа што немаше никакво покајание. Од свештената историја дознаваме дека неговиот крст заврши трагично.
Ете го одговорот зошто треба да го следиме Христовиот Крст. Оти тој, секако, и овде, во овој живот, ќе ни даде олеснение, а накрај ќе нѐ одведе и во вечниот живот, што е, пак, целта на нашето битисување овде на земјата.
Деновиве еден брат во ќелија ми донесе еден поучителен текст за трпението, од познатиот светогорски Старец, Ефрем Катунакиски. Меѓу другото, Старецот во текстот раскажуваше како еднаш кај него дошла некоја стара монахиња, игуменија, и побарала да се исповеда кај него. Старецот ја одбил, со образложение дека тој не исповеда никого. Но таа упорно молела и настојувала – сакала да ги сподели со него своите мисли. Најпосле Старецот ѝ дозволил и таа фатила да раскажува за своите маки, а претрпела навистина многу: карцином, операции, страданија… Откако му го соопштила сето тоа, на крајот му раскажала за едно необично видение што го беше видела кога се наоѓала во најтешките маки. Имено, видела како на некое ритче стоеле тројцата старозаветни патријарси: Авраам, Исаак и Јаков – се подразбира, во неискажлива светлина, слава и убавина – па ги прашала:
– Вие патријарсите ли сте?
– Да, ние сме, Авраам, Исак и Јаков.
Посакала и таа да појде кај нив:
– Може ли и јас да дојдам кај вас?
– Да, дојди.
– Но како? Не гледам никаков пат.
– Барај го внимателно и ќе го најдеш.
Гледала монахињата насекаде, ама пат никаде!
– Ама не можам да го најдам!
– Барај го, благословена, барај го и ќе го најдеш.
И здогледала потоа една малечка патека, широка едвај петнаесетина сантиметри, полна со чичка и трње!
– Па, ова пат ли е?! Како би можела да поминам по него? Премногу е тесен, а згора на тоа е и трнлив –ќе си ја искинам облеката и ќе си ги раскрвавам нозете.
На тоа патријарсите ѝ одговориле:
– И ние дојдовме тука по тој пат.
Гледате ли? Сака да ни каже дека патот до вечната слава и блаженство е тесен и трнлив, исполнет со искушенија и страданија. И древните Латини знаеле да кажат: per angusta ad augusta, низ тешкотии до возвишеност. Во продолжение Старицата ја здогледала и Пресвета Богородица, како на преподобните им вели: „Дојдете, преподобни, поминете“. Потоа и на мачениците исто: „Дојдете, великомаченици, и поминете“. Накрај и на монахињата ѝ вели: „Дојди сега, помини и ти по тој пат“. И таа ѝ пристапила на Царицата на ангелите, ѝ се поклонила и ѝ ја целивала раката. Ѝ била мека како кадифе!
Што мислите, како се удостоила оваа Старица со вакво прекрасно видение? Со тоа што со благодарност и трпение ги поднела сите страданија во животот. Многуте нејзини операции, болестите претрпени со смирение, ја удостоиле да биде заедно со патријарсите, со Богородица и со својот Бог, во вечната радост. Да се радува вечно со Христа!
Токму така, мили мои, сите ние треба да си го носиме својот крст. Нашиот животен пат е ништо друго, освен еден крст, од Бога подарен, за наше спасение. Потребно е само да покажеме трпение, што му е многу угодно на Бога, и единствено на тој начин ќе се здобиеме со вечен живот. Да Го молиме Господ да ни дава такво трпение! Зашто и денес воопшто не е лесен крстот да се биде Христијанин. Напротив, колку е понекогаш тешко, во нашите современи околности, да исповедаш дека веруваш во Христа, да постиш, да се воздржуваш, да се бориш со страстите, со егоизмот… Бездруго ќе наидеш на многу навреди поради сето тоа, на многу омаловажувања, потсмешливи и незгодни прашања, искушенија, соблазни итн. Замислете, пак, колку тешко е да се носи денес монашкото и свештеничко расо! Во многу прилики сум ја почувствувал таа грамадна тежина. Кога одиме некаде надвор од манастир, ние не сме исти како другите луѓе. Некои нè гледаат со љубов, но некои со презир. Тоа не е ли еден голем крст? Затоа молете се за тие што го носат ова расо, да издржат докрај во него, бидејќи со тоа тие ги носат страдањата Господови на себе, раните на Господа Исуса Христа.
Ве замолувам, најмили мои, да се молите и за мене, последниот, бидејќи за себе не можам да кажам дека достојно го носам крстот – и овој надворешниот, украсниот, што го носам на градиве, а и оној внатрешниот, невидливиот, што ми го дал Господ да го носам во животот… Простете ми за мојата немарност. Да се молиме на Господа никогаш да не заспиваме во немарност, зашто таа ја убива желбата за секое добро. Но, бидејќи секогаш наоружани со крстот Христов, да чекориме напред во духовниот живот, без да се плашиме од какво-годе искушение, знаејќи дека крстот е тоа што ни дава сили, и духовни и телесни, да истраеме во нашата борба. А по крстот, доаѓа воскресението…
На монасите мои мили им посакувам да останат со крстот до крајот на животот! Со монашкото расо, коешто, рековме, не мал крст е денес. И кога накрај ќе излезат да дадат одговор за своето крстоносење, да го слушнат и тие гласот што го слушнала онаа блажена монахиња од патријарсите Авраама, Исаака и Јакова: „Дојди, чедо мое, помини и ти по овој пат“. Не е ни малку лесно да се оди по трнливиот и тесен пат на подвигот за Христа. Тој пат значи угодување не на себе, ами трпение во искушенијата што нѐ снаоѓаат, смирено и пожртвувано служење во доброто на братот свој, на ближните, на народот кој со надеж за утеха ни доаѓа… Да се жртвуваме за тој народ! Знам дека и ние имаме многу лични желби, но ќе го оставиме настрана сега себеугодувањето. Ние мораме да се предадеме на Господа сецело, онака како што Он се предаде на Крстот. Токму тоа е поуката и значењето од Крстот: Он ги рашири Своите рацете за целиот свет. Им прости и на тие што Го распнуваа и тогаш, во Своето крајно смирение и страдание, рече: „Сè е свршено!“ На тој начин го изврши нашето спасение, преку Крстот. Така и ние, само преку крстот, ќе се спасиме, мили мои… Простете ми!