Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст

„За нас, Православните, болката и секаков вид страдање, во Крстот Христов добиваат едно сосема ново достоинство. Тие во Него се преобразуваат. Со нашата храброст, трпение и молитви, спомнувајќи си постојано за крстната смрт на нашиот Спасител, таа горка чаша, постепено станува слатка чаша на бесмртноста… Секој од нас си го носи својот крст. Дури и ако Господ не ни испрати крст на тешка болест, сепак, сите ние го носиме крстот на своите гревови, се бориме со внатрешниот непријател, стариот човек кој се распаѓа во своите страсти и похоти. На тоа наше патување, додека чекориме навалени под тежината на крстот, единствениот Кој може да го осветли мракот на непознатото што се простира пред нас е Распнатиот заради нас, Господ Исус Христос. Оној Кој прими на Себе страдања за да ги избави Своите чеда што Го следат, носејќи го Својот крст, и Кој обраќајќи се преку Светото Евангелие кон сите што страдаат, вели: ’Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам‘ (Матеј, 11,28)“ (Митрополит Лимасолски Атанасиј).

Благословот што доаѓа од четирите краци на крстот се соедини денес во една небоземна радост, што ги облеа душите на сите благочестиви верни, кои дојдоа во Рајчичката Обител на Св. Георгиј Победоносец, водени од една мисла, достојно да го возвеличат Крстот и Оној Кој го облагодати ова крстно знамение со Својата страдална смрт на него. Пред нивните очи таинствено блескаше  големиот филигрански крст со делче од Чесното Дрво, високо издигнат во рацете на нашиот богољубив владика, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, символизирајќи го на тој начин победничкото издигнување на Христовиот Крст среде земниот Ерусалим. И сега, како и тогаш, ова Животворно Дрво ја сведочеше неприкосновената победа на Православието, која извира од распнатиот на него Победител над злото и смртта. И во душите на присутните, молитвено слеани со прозбите на божествената Архиерејска Литургија, тајната на крстните страдања на нашиот благ Господ раѓаше слатка утеха и го предвестуваше идното блаженство на вечниот живот, чијшто предвкус е сладоста на светите Христови тајни.

А потоа и нашиот сакан архиереј, митрополит Тимотеј ни ги заслади душите со своето пастирско слово за Крстот како средиште на нашиот живот во Христа:

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, светата Црква прославува еден од дванаесетте големи празници, поточно, го прославува Воздвижението на светиот Животочен Крст на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Светиот Крст е центар на христијанскиот живот. Неслучајно црковниот поредок предвидува денес да се чита евангелското четиво за распнувањето на Спасителот Господ Исус Христос (Јн. 19, 6 – 11). Но, исто така, и денешниот Апостол ни зборува за Крстот Христов (1. Кор. 1, 18 – 24). „Бидејќи словото за Крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја“ (1. Кор. 1, 18).

 
Апостолот Павле неслучајно ги употребува овие зборови. Неслучајно вели дека Крстот е безумие за оние што не Го познаваат Христа, и затоа гинат. За нас, пак, Крстот е сила Божја. Треба да знаеме дека св. ап. Павле бил еден од најобразованите луѓе на своето време, а покрај тоа, бил и генијален ум. Ја знаел целокупната историја и знаел дека страдањето и крстот, кај ниту едни народи, кај ниту едни религии, кај никакви философски погледи, не служел како средство за спасение. Затоа, вели св. ап. Павле, тој симбол е безумие, а за нас, сила Божја.

 
Откако луѓето, со своите умови, со своите размислувања, со своите погледи на светот и на животот не можеле да дојдат до познавање на Бога, а уште помалку, пак, до спасение на родот човечки, Божјото провидение одлучува, преку понижување и распнување, а не преку сила, знаење и овоземна моќ, туку, благодатта Божја, преку страдањето на Господа Исуса Христа го избавува и спасува родот човечки. Затоа Крстот Христов за нас има централно значење. Преку него Христос се понизи толку многу што повеќе не можело. Прифати да биде распнат на крст. Да биде распнат на најсрамното орудие на кое се казнувале најголемите престапници и злосторници. Крстот е средство, преку кое, ние, како христијани треба да се поучуваме и смируваме, па сите маки, страдања, болки, неправди, не само интелектуално, философски и религиски да ги разбираме, туку, и во практичниот живот тоа да го практикуваме. На прв поглед тоа изгледа многу лесно и остварливо, но, во практичниот живот, не е ниту лесно, ниту, пак, лесно остварливо.
Од животното искуство знаеме дека кај мнозина христијани, кога ќе наидат разни искушенија, болести, страдања, маки и неправди, забораваат на Крстот Христов. Го издигнуваат својот крст и своите маки на највисок пиедестал, а сите останати крстови ги оставаат на некоја периферија, незабележителни за другите, а себеси се ставаат како центар на страдањето. Па, неретко се случува во таквите прилики, не само да заборават на Крстот Христов, туку да бидат неподносливи кон своите блиски, пријатели, а често пати, се доаѓа дури и до губење на верата.

 
Треба да разбереме една вистина. Таа вистина е дека преку Крстот, Бог посака светот да се спаси. Затоа св. ап. Павле, со право ги употребува зборовите кои ги слушнавме во Апостолот. Како христијани, треба да знаеме дека ние се спасуваме само со благодатта Божја и со Неговата помош. Но, за тоа е потребно и наше содејствие. И ние треба да го сакаме и да го бараме спасението. Човекот е слободно битие, коешто има слобода да го признава Бога за свој Создател и Спасител, но и да Го порекнува. Но, кога ќе се здружат Божјата благодат и човечкиот труд, тогаш можеме да се надеваме на милоста Божја. Нашите срца и души треба да бидат подготвени за примање на таа благодат. Сите маки, страдања и животниот крст да ги носиме достоинствено христијански. Не само формално да се нарекуваме христијани, туку, суштински да живееме. Од нашето сознание, никогаш да не испуштиме дека без крст – нема воскресение. Тогаш, ќе ја здобиеме Божјата благодат, надевајќи се на нашето спасение, постојано, сега и во сите векови. Амин!

Кресту Твоему поклањаемсја Владико!