„Преподобен отче, преосвештени Григорие, откако го изостри мечот на словото преку Духот, ти стана оган за богоборните чинови, слегувајќи како молња од висините го запали нивното празнословие и сите верни ги упати кон Божествената Светлина трисончева, просветен од Неа, ти се јави втора светлина. Сопрестолен и едноброен со врховните богослови, со нив прославен со нив и сега пребиваш, моли се на Христа Бога да ѝ дарува на Црквата единство, мир и милост голема.“
(Стихира од вечерната на празникот)
Неизмерна е славата на небесата на овој неугаслив огнен јазик на богословието, светиот Григориј Палама, кој преку благодатта како со оган ги изгоре еретичките учења, и насекаде ја проповедаше несоздадената троична светлина. Со него светата Црква најпосле се успокои од бурните еретички бранови и заплови по тивкото и безметежно пристаниште на неговото созерцателно богословие. Па и денес славниот Григориј стоејќи пред Христа со своите молитви ја спасува Црквата од духовни бури и посредува за љубовта, мирот и единството во неа.
Тројна радост ја грееше овие два дена светата Обител на Победоносецот Георгиј во Рајчица. Воскресното богослужение соединето со песнопенијата за великиот тајник на Божествената благодат – Св. Григориј Палама, како и споменот на незаборавниот син на блаженото послушание, Преподобен Доситеј, испушаа зраци на небесна сладост и спокојствие. Ова тројно торжество го споделија со нас многубројните верни, коишто со своето молитвено присуство ја направија рајчичката слава уште порадосна и богата со духовно веселие. Топлината, пак, и татковската љубов со која нашиот Старец и игумен Партениј му го честита празникот на рајчичкото монашко сестринство беше вистинско ликување и духовна поткрепа за присутните и целото наше монашко семејство. Притоа тој, истакнувајќи го внатрешниот молитвен подвиг на светиот кој ја привлекува благодатта на Духот и беспрекорното послушание на преподобниот како суштински монашки одлики и пат кој води до небото, ги поучи присутните свои чеда да ги негуваат овие две спасоносни дејанија за да го придобијат толку посакуваното спасение на душата и духовното соединување со својот Творец и Господ Христос.
Полнота на радоста беше секако и драгоценото присуство на нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј, којшто следниот ден пристигна во Рајчичката обител и ја возвеличи свеченоста на овој за сестринството многу значаен празник, чиноначалствувајќи со Светата Архиерејска Литургија. На самиот крај, пак, тој го украси празничниот спомен со беседа за денешниот Евангелски расказ и чествувањето на солунскиот Чудотворец Григориј Палама:
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Втората недела од Велигденскиот пост е посветена на св. Григориј Палама. Овој Божји угодник живеел и творел во XIV век. Тој е многу значаен за богословската мисла, особено, во поглед на исихазмот – тихувањето.
Црковниот поредок, пак, на Литургијата, предвидува да се чита светото Евангелие за раслабениот, односно за парализираниот. Знаеме дека оној кој ги има изгубено сите телесни сили и е парализиран, тој нема никаква можност, независно колкава желба и волја да има, сам од себе да се придвижи. Затоа, потребна му е надворешна сила, која би го подигнала и би го придвижила.
Но, тука би сакале да кажеме неколку зборови за поимот болест. Според Божјата промисла, човекот не е создаден да биде болен. Болеста се јавува како нарушување на Божјиот закон и оддалечување од патот којшто е устроен од Бога. Но, не само што човек се оддалечува од Божјиот пат, туку, избира погрешен пат, којшто доведува до разрушување на хармонијата помеѓу Бог и човекот. Болеста се јавува како казна за сторениот грев. Треба да кажеме дека, во овој случај, кај парализираниот човек не станува збор за негови гревови, кои, не се исклучени да ги имал, како секој човек што живее, но, тука станува збор за општиот грев, гревот на Адам, преку кој падна човековата природа. Затоа и Господ Исус Христос најпрво, на парализираниот, му вели: „Синко, ти се проштеваат гревовите!“ а потоа: „Стани, земи ја постелата своја и оди си дома!“ (Мк. 2, 5 и 11).
Во моментот кога раслабениот станал, делувала Божјата благодат. Истата физички никој не ја видел, но сите ја виделе нејзината физичка пројава. Го виделе дејството Божјо кое го организирало дезорганизираното. Го интегрирал разделеното и го соединил распадливото. Се појавил човек здрав, човек, кој претходно бил парализиран.
Св. Григориј Палама, како Атонски монах, изучил доктрина во тихување и сконцентрираност, преку постојаното изговарање на молитвата: Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот. Преку постојаната молитва, поедини светогорски подвижници се здобивале да ја доживеат Таворската светлина како несоздадена енергија. Токму таа енергија е силата Божја којашто делува, обединува, соединува, лекува, просветлува и осветлува.
Во физичкиот свет, поточно во физиката, има еден оддел кој се нарекува термодинамички. Во него постои еден закон кој се нарекува ентропија, односно, закон кој создава безредие или хаос. Неговото основно дејствие е рушителноста. Физичарите тоа постручно можат да го објаснат . Тоа не е наша задача. Од животното искуство знаеме дека еден дом, колку и да е цврсто изграден, ако во него не се живее, туку, се остави сам на себе, по извесно време почнува да се распаѓа и да се растура. Тоа е тој закон на физиката. Така се случува и со човекот. Кога постои безредие во телото, настапува болест и ако соодветно не се лекува, ќе настапи смрт.
Можеби некој ќе постави прашање, зошто го читаме Евангелското четиво за раслабениот, во оваа недела? Затоа што Великиот пост е воспоставен да се здобиеме со Божествената благодат. Должни сме да разбереме како да ги надминеме болестите, но, не само физичките, туку, уште повеќе духовните. Не само личните, туку и општествените. Никој од нас, со никаков систем, со никакви сопствени сили не може да ја победи таа внатрешна ентропија. Тоа може да се победи само со Божјата сила и со моралните принципи, доколку се почитуваат за да не го доведеме во опасност нашето физичко и духовно здравје, и да не дозволиме ентропијата да завладее со нас.
Да го искористиме Великиот пост за наше очистување и просветување. Да измолиме благодатта Божја да се излие врз нас, па да можеме да ги победиме сите искушенија и страданија, за слава Божја и за наше спасение. По молитвите на св. Григориј Палама, така нека биде. Амин!