„Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли – доаѓаш?“ (Матеј 3,14).
„Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли – доаѓаш?“ (Матеј 3,14). Кој видел Владика да стои пред слуга? Кој видел Цар да приклони глава пред Својот војник? Кој видел Пастир да биде воден од Својата овца? Кој видел Началник на трката да прима награда од оној што трча… Зошто Ти бараш од мене нешто што е над моите сили? Не се осмелувам да го направам тоа, не знам како Светлината да ја измијам, не знам како Сонцето на правдата да Го осветлам. Ноќта не го осветлува денот, оловото не е почисто од злато, глината не може да го учи грнчарот. Морето не позајмува води од потокот, реката нема потреба од капка вода, чистотата не се очистува со скверност и осудениот не Го пушта на слобода Судијата. Јас треба од Тебе да бидам крстен. (Св. Јован Златоуст)
Повторно празникот на Просвештението го озарува небесниот свод и над светот ја спушта Божјата блага порака: „Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло (Иса. 1,16). Јас, Кој некогаш дојдов на Јордан и го потопив во плотта Своја гревот на светот, сега доаѓам повторно и ви ја подавам Својата рака, сакајќи да ве спасам од страшните стихии, што сами си ги предизвикавте, станувајќи му слуги на гревот. Сакам одново да ја излеам над вас очистителната вода и во неа да ги потопам беззаконијата ваши“.
Вака Црквата ги повика своите верни на покајно очистување низ сеноќна молитва, а Бигорското Светилиште по традиција во себе ги собра кумовите од околните рекански села да ги потсети уште еднаш, преку обичајот на врзувањето на крстот, дека нивните животи нераскинливо се врзани со единствениот вистински Животодавец, Кој сега во крајно смирение брза на Јордан за да се крсти од Својот слуга. Вдахновени од свечените стихири што го навестуваа тоа спасително осветување на водите, присутните си ги подготвуваа и душите за духовната бања на повторното раѓање, преку преобразувачката светлина на Духот. Тивката радост која пребиваше во храмот продолжи и надвор, покрај преголемиот студ, на чинот на осветување на вода во манастирската фијала, кој ги награди верните со изобилно излевање на благодат и така го навести претстојното Богојавленско торжество.
А светлината што навистина го облагороди утрото во прекрасниот ростушки храм посветен на Рождеството на Пресвета Богородица, умножена од благодатта на празничната Литургија, во полн сјај ја осветли големата Богојавленска литија, правејќи една пријатна глетка што ги радуваше душите и на учесниците и на тие што го следеа ова торжество. Но, пред таа молитвена поворка на Просвештението, нашиот Старец не изостави да ги сподели со присутните своите размисли за величието на празникот, преточени во едно пастирско слово:
„Додека браќата сослужители ја подготвуваат Светата Причест, би сакал, мили мои, да кажам неколку збора за овој голем Господов празник, кој во литургиската пракса се нарекува Богојавление и Просвештение. И двете имиња нѐ упатуваат на суштината на ова празненство: јавувањето на Бога и просветлувањето на човечките души и на сета создадена природа воопшто.
Славјанска црковна традиција е на овој празник верниците да се поздравуваат меѓусебно со поздравот: „Бог се јави!“ – „Навистина се јави!“ Какво големо откровение – едно јавување, објава на единствениот Троичен Бог на луѓето! Најголемиот проблем што го среќаваме во историјата на целото човештво било токму богопознанието, без кое пак, нема ни вистинско себепознание. Зашто, тие две појави, познанието на Бога и познавањето на себеси, се взаемно и неразделно поврзани. Не може човек да се спознае себеси доколку не ја спознае причината за своето постоење, а таа се наоѓа, се разбира, во неговиот Бог и Творец. По падот на нашите прародители Адам и Ева, човекот го губи вистинското познание за Трипостасниот Бог, а следствено и познанието за себеси. Сетете се на прашањето што во Светото Писмо Бог му го поставил на Адама, кога овој вкусил од забранетиот плод: Адаме, каде си? (Битие 3,9) Очигледно, Адама ја изгубил блискоста со Бога, но се изгубил и себеси. А тоа значи пребивање во страшен мрак. Всушност, целото човештво западнало во погубна и неподнослива темнина. Светиот Пророк Исаија, предвестувајќи за доаѓањето на избавителната Божја светлина, говорел: Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина (Иса. 9,2). Тоа се однесувало на сите оние народи пред Христовото пришествие, кои биле непросветлени, се наоѓале во кривоверие, обожувајќи ги творенијата, а не Творецот.
Денешниот ден го означува блесокот на таа голема светлина. Христос Бог, Кој се родил во неискажливо смирение, во Својата триесетта година доаѓа на реката Јордан за да се крсти од човек. Зошто? Зар било потребно Бог да се крштева или да се кае за некакви гревови?! Во никој случај. Една од причините за Господовото Крштение била да го исполни Законот, оставајќи ни нам пример. Исто како што и се обрезал, постел, одел на богослуженијата, се молел. А се крстил на триесетгодишна возраст, затоа што во тоа време имало закон којшто пропишувал дека маж може да земе јавна служба и да говори на народот по триесеттата година. И всушност, со Крштението на Јордан, Господ Исус Христос ја започнал Својата јавна проповед меѓу народот. Во тоа време громогласен проповедник на реката Јордан бил великиот Свети Јован Крстител, една чудесна појава што предизвикувала восхит и страхопочит, Пророк силен на збор и на дело, кој имал таква харизма, што собирал многу народ, поучувајќи го и повикувајќи го на покајание. Следствено, друга причина за Христовото јавување на Јордан била Он да биде виден и спознаен, да биде потврден од Бога Отецот и од Светиот Дух пред мноштвото народ.
Така и се случило. Кога Христос влегол во Јорданските водотеци и ја приклонил главата под раката на Крстителот, врз него слегол Светиот Дух, во вид на гулаб. Духот Божји, секако, не е гулаб, па затоа Евангелистот вели: во вид на гулаб. Во свештената историја Светиот Дух се јавувал во различни видови. На Педесетницата, на пример, се покажал во вид на огнени јазици. Во, истиот миг, значи, кога Он слегол над главата Спасителева, гласот на Бог Отецот од небесата посведочил: Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го! (Матеј 17,5) Еве ја Јорданската Теофанија, јасното откривање на Троичниот Бог! Вистинскиот Бог, за прв пат толку јасно им се објавува на луѓето. На човекот му се открива вистинското познание на Бога.
Ќе ве замолам денес, особено вас, воцрковените, да го созерцавате токму ова, познанието на вистинскиот Бог. Каква одговорност имаме ние како Христијани, кои се наоѓаме во богооткриената вера! Сведоци сме на Оној, Кој пред 2000 години дошол на реката Јордан и се крстил, испраќајќи просветление за сиот свет. Три години проповедал за спасението, направил безброј и големи чуда, накрај и воскреснал, вознесувајќи го обоженото човечко тело на Небото. Човечката природа, за којашто дотогаш било незамисливо да биде сопричесна со Божествената, Христос ја зел на себе, ја осветил и ја седнал од десната страна на Бога Отца, како што секојдневно исповедаме во Символот на верата. На тој начин ја обожил и човечката материјална природа. Затоа и се причестуваме со неа, со Телото и Крвта Христови. А дотогаш, било невозможно човекот да се спаси, ниту со душата, ниту со телото, кое било огревовено, предадено на смртта и на распадливоста. Но, преку дејствителната енергија на светата тајна Крштение, ние го погребуваме нашиот стар човек по Адама, а се раѓаме, се препородуваме со новиот во Христа. Преку Крштението нашиот дух се соединува со Духот Божји и стануваме деца Божји, а меѓу себе браќа, во кои е благоволението на Отецот. Меѓутоа, потребно е овој огромен благодатен потенцијал да го активираме преку нашите постапки, мисли и зборови.
Да размислуваме, ве молам, за оваа преголема тајна! За тоа каква одговорност имаме ние, поклониците на вистинскиот Бог! Ја започнав беседата со богопознанието, со правомислието во однос на Бога, коешто го имаме во нашата православна Црква. А да се погледнеме самокритично, какви сме ние? Денеска не сакам да критикувам, но погледнете што прават повеќето Христијани на овој празник: се собираат само за гозба, за јадење и пиење, а во храмот не ни влегуваат. Или, ќе влезат накратко за да запалат свеќа и толку. За време на Богослужбата седат надвор, празнословат, озборуваат, се расправаат. Некои не ни имаат интерес да дојдат во храмот и да видат што се случува. Се нарекуваме Христијани, а сме се навикнале да седиме во темнината и смртната сенка. Оттука ни настануваат и сите проблеми. Ние сме солта на земјата. Ама, што вели Спасителот? Ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето (Матеј 5,13). Луѓето што се надвор од богопознанието, се оние на светот, кој целиот лежи во зло (1. Јован. 5,19). Да, и тие се чеда на Бога според создавањето, но немајќи ја правата вера и дух, бидејќи далеку од Божественото просветление, свесно или несвесно, се отуѓиле од Него. Тие се оние што ќе нѐ изгазат, затоа што ние Христијаните сме облутавиле во верата, не служиме достојно според нашиот призив, па не можеме да посолиме со Вистината. Сме станале безвредни. А со што треба да посолуваме? Рековме, со живот според Христовите заповеди, со нашите дела, Со умножување на благодатта Божја што ни е дадена преку Крштението. Ние ја познаваме верата, го наследивме просветлението, го имаме богопознанието. Пред малку, сите заедно исповедавме: „Верувам во Единиот Бог, Отец Седржител… И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји Единороден… И во Светиот Дух, Кој живот твори…“ Ете ја тајната на Јордан, ете го Богојавлението. Да Го молиме Бога што повеќе луѓе да дојдат до вистинското богопознание, а Христијаните духовно да се разбудат, зашто, навистина, жалосно е ние, родени и крстени во Православие, да живееме во темнина и незнаење. Христијанството е причината за сѐ што е добро во овој свет. Пред Христа, сите народи, и цивилизираните и нецивилизираните, пребивале во духовен мрак. Денес, на светот без Христа повторно му надвиснала смртната сенка. Затоа и природата негодува, се бунтува. Видете само какви елементарни катастрофи се случуваат насекаде! Еве и кај нас – Водици сме, а нема ни снег, ни дожд. Поради тоа што вистинското богопознание го снемува, солта ја губи силата, Христијаните го засакале мракот… Убаво ли е да се биде во мрак? Во мракот, човек не знае ни каде оди, ни што прави. Неопходна му е светлината за да има живот во полнота. А Христос вели: Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јован 8,12). Тој е Спасителот наш, Кој денес се крсти заради нашето спасение.
Да сте благословени!“
Во продолжение на Светата Литургија, со свечено пеење на познатиот тропар, којшто весело одекнуваше од устите на сите, како на локалните, така и на многубројните пристигнати гости, долгата Богојавленска поворка се упати до Ростушкиот мост, каде сѐ беше подготвено за традиционалното полагање на крстот во водите на Радика. Меѓу присутните беа и сите оние кои ледената вода ни малку не ги поколеба да се потопат во водите и така да го добијат благословот на Просвештението. На гласот на возљубениот бигорски Старец, архимандрит Партениј, кој умилно ги пееше богојавленските тропари, водите на Радика се наполнија со голем број млади луѓе, а кога потона во радичките води, најголема радост му донесе на Александар Ристевски од Скопје. По традиција, градоначалникот на општина Ростуше, г. Медат Куртоски, го даруваше со пригоден подарок, а нашиот Старец го благослови и него и сите што влегоа во осветените води, посакувајќи им небесно просвештение на нивните души.
Нека таа неовоземна светлина што го облеа светот кога Бог Света Торица се јави на Јордан и сега ги осветли нашите души со своите благодатни зраци, да го просветли и приведе кон покајание светот што тоне во вителот на своите страсти. Сите да принесеме плодови на покајание и така да ја измолиме Божјата милост за овие страшни стихии и климатски промени кои се закануваат со страшна суша и големи непогоди што ја потресуваат оваа наша планета, зашто друг дом немаме. Затоа, да се молиме усрдно Бог да нѐ поштеди од пустошот што сами си го правиме.