Ерусалимскиот патријарх „наврнат“ од одбивањата на претстојателите за собор во Јордан

Извор:
Претстојателите на Светиот и велик собор на Крит, 2016 година

Една по друга православните Цркви негативно одговараат на поканата на Ерусалимскиот патријарх за „братски собор на љубовта“ во Јордан, испраќајќи на тој начин силна порака, колку кон Ерусалим, толку и кон Москва.

После Вселенскиот патријарх, кој со своето послание јасно даде до знаење дека не ја прифаќа иницијативата на Ерусалимскиот патријарх и архиепископите Атински, Кипарски, Албански, но и Полски го известија патријархот Теофил дека не планираат да учествуваат на соборот во Јордан. За учество на еден таков собор негативно се изјасни и патријархот Александриски, додека Тбилиси, Софија и Букурешт исто така немаат покажано намера да учествуваат.

Москва и сателитите

Освен домаќинот, патријархот Ерусалимски, и директно заинтересираниот патријарх Руски, единствени што изгледаат расположени да учествуваат на овој собор се малкумина претстојатели на цркви коишто повремено служат како сателити на Руската црква.

Антиохискиот патријарх, и покрај тоа што еве веќе шест години се наоѓа во прекин на општењето со Ерусалимскиот патријарх поради нивното несогласување во однос јурисдикцијата на единствената парохија во Катар, останува да биде единствениот од древните Патријаршии кој што би можел да одговори позитивно на повикот од Теофил.

Позитивно се има изразено и архиепископот Чешки, Растислав. Но, за луѓе кои добро ги познаваат нештата, неговото учество не треба да се смета како загарантирано поради сериозните прашања во внатрешноста на неговата Црква.

Со досегашниот негов став и Српскиот патријарх натера многумина да сметаат дека ќе прифати да учествува на соборот во Јордан. Впрочем, од неговите блиски соработници, епископот Бачки Иринеј, освен тоа што се смета за еден од вдахновувачите на ваквата иницијатива на Ерусалимскиот и јавно се има изјаснето против ставот на Вселенскиот патријарх за темата, но и за привилегиите на „мајката Црква Ерусалимска“.

Изненадувањето од Полска

Најголемо изненадување досега е предизвикано од ставот на Полскиот архиепископ, кој одредени луѓе го сметаа за сигурен дека ќе учествува. „Убава е вашата идеја, но за да има вредност ќе треба да учествуваме сите“, се чини дека полскиот претстојател му напишал на патријархот Ерусалимски, согласно информациските извори на orthodoxia.info.

Секако, во истото послание господин Сава го потсетува господин Теофил дека таков вид на теми се решаваат во логиката на Велик (υπερτελους) Собор каков што имаше свикано Вселенскиот Патријарх во 1998 година за справување со Бугарската шизма.

Поништување

Согласно поканата на Ерусалимскиот патријарх, „братскиот собор на љубовта“ ќе биде свикан кон крајот на јануари во Јордан. Одбивањето на мнозинството од претстојателите да учествуваат, или барем да испратат еден претставник, на ерусалимскиот Патријарх не му остава многу место за маневрирање, освен тоа што митрополитот Волоколамски се надева „…дека оваа средба ќе земе место дури и да не учествуваат сите претстојатели“.

Ерусалимската патријаршија и понатаму продолжува да молчи. Архиепископот Константински Аристарх уште еднаш беше прашан од orthodoxia.info по оваа тема. Тој одговори дека нема никакво полномоштво од патријархот да каже и најмало нешто и нè упати на она што е објавено на официјалната страна на Патријаршијата.

Недостатокот од подготовки за една таква врвна средба е уште еден показател дека се движи кон поништување.

Сепак, она што има особена важност се средбите што ќе ги има Ерусалимскиот Патријарх, како со Рускиот, така и со Грчкиот претседател во Ерусалим.