Кон познанието на вистинскиот Бог

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено за време на Светата Литургија на празникот Богојавление, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во село Ростуше

Преку дејствителната енергија на светата тајна Крштение, ние го погребуваме нашиот стар човек по Адама, а се раѓаме, се препородуваме со новиот во Христа. Преку Крштението нашиот дух се соединува со Духот Божји и стануваме деца Божји, а меѓу себе браќа, во кои е благоволението на Отецот. Меѓутоа, потребно е овој огромен благодатен потенцијал да го активираме преку нашите постапки, мисли и зборови.

Додека браќата сослужители ја подготвуваат Светата Причест, би сакал, мили мои, да кажам неколку збора за овој голем Господов празник, кој во литургиската пракса се нарекува Богојавление и Просвештение. И двете имиња нѐ упатуваат на суштината на ова празненство: јавувањето на Бога и просветлувањето на човечките души и на сета создадена природа воопшто.

Славјанска црковна традиција е на овој празник верниците да се поздравуваат меѓусебно со поздравот: „Бог се јави!“ – „Навистина се јави!“ Какво големо откровение – едно јавување, објава на единствениот Троичен Бог на луѓето! Најголемиот проблем што го среќаваме во историјата на целото човештво било токму богопознанието, без кое пак, нема ни вистинско себепознание. Зашто, тие две појави, познанието на Бога и познавањето на себеси, се взаемно и неразделно поврзани. Не може човек да се спознае себеси доколку не ја спознае причината за своето постоење, а таа се наоѓа, се разбира, во неговиот Бог и Творец. По падот на нашите прародители Адам и Ева, човекот го губи вистинското познание за Трипостасниот Бог, а следствено и познанието за себеси. Сетете се на прашањето што во Светото Писмо Бог му го поставил на Адама, кога овој вкусил од забранетиот плод: Адаме, каде си? (Битие 3,9) Очигледно, Адама ја изгубил блискоста со Бога, но се изгубил и себеси. А тоа значи пребивање во страшен мрак. Всушност, целото човештво западнало во погубна и неподнослива темнина. Светиот Пророк Исаија, предвестувајќи за доаѓањето на избавителната Божја светлина, говорел: Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина (Иса. 9,2). Тоа се однесувало на сите оние народи пред Христовото пришествие, кои биле непросветлени, се наоѓале во кривоверие, обожувајќи ги творенијата, а не Творецот.

Архимандрит Партениј Бигорски

Денешниот ден го означува блесокот на таа голема светлина. Христос Бог, Кој се родил во неискажливо смирение, во Својата триесетта година доаѓа на реката Јордан за да се крсти од човек. Зошто? Зар било потребно Бог да се крштева или да се кае за некакви гревови?! Во никој случај. Една од причините за Господовото Крштение била да го исполни Законот, оставајќи ни нам пример. Исто како што и се обрезал, постел, одел на богослуженијата, се молел. А се крстил на триесетгодишна возраст, затоа што во тоа време имало закон којшто пропишувал дека маж може да земе јавна служба и да говори на народот по триесеттата година. И всушност, со Крштението на Јордан, Господ Исус Христос ја започнал Својата јавна проповед меѓу народот. Во тоа време громогласен проповедник на реката Јордан бил великиот Свети Јован Крстител, една чудесна појава што предизвикувала восхит и страхопочит, Пророк силен на збор и на дело, кој имал таква харизма, што собирал многу народ, поучувајќи го и повикувајќи го на покајание. Следствено, друга причина за Христовото јавување на Јордан била Он да биде виден и спознаен, да биде потврден од Бога Отецот и од Светиот Дух пред мноштвото народ.

Така и се случило. Кога Христос влегол во Јорданските водотеци и ја приклонил главата под раката на Крстителот, врз него слегол Светиот Дух, во вид на гулаб. Духот Божји, секако, не е гулаб, па затоа Евангелистот вели: во вид на гулаб. Во свештената историја Светиот Дух се јавувал во различни видови. На Педесетницата, на пример, се покажал во вид на огнени јазици. Во, истиот миг, значи, кога Он слегол над главата Спасителева, гласот на Бог Отецот од небесата посведочил: Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го! (Матеј 17,5) Еве ја Јорданската Теофанија, јасното откривање на Троичниот Бог! Вистинскиот Бог, за прв пат толку јасно им се објавува на луѓето. На човекот му се открива вистинското познание на Бога.

Ќе ве замолам денес, особено вас, воцрковените, да го созерцавате токму ова, познанието на вистинскиот Бог. Каква одговорност имаме ние како Христијани, кои се наоѓаме во богооткриената вера! Сведоци сме на Оној, Кој пред 2000 години дошол на реката Јордан и се крстил, испраќајќи просветление за сиот свет. Три години проповедал за спасението, направил безброј и големи чуда, накрај и воскреснал, вознесувајќи го обоженото човечко тело на Небото. Човечката природа, за којашто дотогаш било незамисливо да биде сопричесна со Божествената, Христос ја зел на себе, ја осветил и ја седнал од десната страна на Бога Отца, како што секојдневно исповедаме во Символот на верата. На тој начин ја обожил и човечката материјална природа. Затоа и се причестуваме со неа, со Телото и Крвта Христови. А дотогаш, било невозможно човекот да се спаси, ниту со душата, ниту со телото, кое било огревовено, предадено на смртта и на распадливоста. Но, преку дејствителната енергија на светата тајна Крштение, ние го погребуваме нашиот стар човек по Адама, а се раѓаме, се препородуваме со новиот во Христа. Преку Крштението нашиот дух се соединува со Духот Божји и стануваме деца Божји, а меѓу себе браќа, во кои е благоволението на Отецот. Меѓутоа, потребно е овој огромен благодатен потенцијал да го активираме преку нашите постапки, мисли и зборови.

Да размислуваме, ве молам, за оваа преголема тајна! За тоа каква одговорност имаме ние, поклониците на вистинскиот Бог! Ја започнав беседата со богопознанието, со правомислието во однос на Бога, коешто го имаме во нашата православна Црква. А да се погледнеме самокритично, какви сме ние? Денеска не сакам да критикувам, но погледнете што прават повеќето Христијани на овој празник: се собираат само за гозба, за јадење и пиење, а во храмот не ни влегуваат. Или, ќе влезат накратко за да запалат свеќа и толку. За време на Богослужбата седат надвор, празнословат, озборуваат, се расправаат. Некои не ни имаат интерес да дојдат во храмот и да видат што се случува. Се нарекуваме Христијани, а сме се навикнале да седиме во темнината и смртната сенка. Оттука ни настануваат и сите проблеми. Ние сме солта на земјата. Ама, што вели Спасителот? Ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето (Матеј 5,13). Луѓето што се надвор од богопознанието, се оние на светот, кој целиот лежи во зло (1. Јован. 5,19). Да, и тие се чеда на Бога според создавањето, но немајќи ја правата вера и дух, бидејќи далеку од Божественото просветление, свесно или несвесно, се отуѓиле од Него. Тие се оние што ќе нѐ изгазат, затоа што ние Христијаните сме облутавиле во верата, не служиме достојно според нашиот призив, па не можеме да посолиме со Вистината. Сме станале безвредни. А со што треба да посолуваме? Рековме, со живот според Христовите заповеди, со нашите дела, Со умножување на благодатта Божја што ни е дадена преку Крштението. Ние ја познаваме верата, го наследивме просветлението, го имаме богопознанието. Пред малку, сите заедно исповедавме: „Верувам во Единиот Бог, Отец Седржител… И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји Единороден… И во Светиот Дух, Кој живот твори…“ Ете ја тајната на Јордан, ете го Богојавлението. Да Го молиме Бога што повеќе луѓе да дојдат до вистинското богопознание, а Христијаните духовно да се разбудат, зашто, навистина, жалосно е ние, родени и крстени во Православие, да живееме во темнина и незнаење. Христијанството е причината за сѐ што е добро во овој свет. Пред Христа, сите народи, и цивилизираните и нецивилизираните, пребивале во духовен мрак. Денес, на светот без Христа повторно му надвиснала смртната сенка. Затоа и природата негодува, се бунтува. Видете само какви елементарни катастрофи се случуваат насекаде!  Еве и кај нас – Водици сме, а нема ни снег, ни дожд. Поради тоа што вистинското богопознание го снемува, солта ја губи силата, Христијаните го засакале мракот… Убаво ли е да се биде во мрак? Во мракот, човек не знае ни каде оди, ни што прави. Неопходна му е светлината за да има живот во полнота. А Христос вели: Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јован 8,12). Тој е Спасителот наш, Кој денес се крсти заради нашето спасение.

Да сте благословени!